Зеленски: Руската флота веќе не е способна да дејствува во западниот дел на Црното Море

– Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека руската флота „повеќе не е способна“ да дејствува во западниот дел на Црното Море и дека „постепено бега“ од Крим.

„До овој момент, сè уште немаме постигнато целосна контрола на огнот над Крим и неговите соседни води. Но ќе го постигнеме. Тоа е само прашање на време“, рече Зеленски во видеообраќањето на Вториот парламентарен самит на Кримската платформа што се одржа во чешкиот главен град Прага.

Дефинирајќи го тоа како „историско достигнување“, Зеленски истакна дека нема „безбедни бази“ ниту целосно сигурни логистички рути за руската војска на Крим и делови на Црното Море и азовскиот брег под руска контрола.

Зеленски нагласи дека Киев забележува растечки проукраински сентимент на Крим, и рече дека „слабоста на Русија станува погласна од стравот на окупираниот народ“.

„Нашата моментална задача е да го одржиме и да го зголемиме притисокот врз окупаторот. Мојот единствен повик до вас е: не застанувајте на половина пат“, порача Зеленски.

Сè уште нема коментар од руските власти за тврдењата на Зеленски.