Израел ослободи речиси 2.000 затвореници Палестинци според договорот за прекин на огнот во Газа

– Израел денес ослободи речиси 2.000 затвореници Палестинци во рамките на договорот за прекин на огнот во Газа.

Канцеларијата за медиуми на палестинските затвореници управувана од Хамас соопшти дека автобусите со ослободени затвореници од затворот „Офер“, западно од Рамала, пристигнале во градот Бејтунија на окупираниот Западен Брег.

Официјалната новинска агенција „Вафа“ потврди дека 96 затвореници кои издржувале високи затворски казни пристигнале во градот со два автобуси на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

Канцеларијата за медиуми на затворениците, исто така, соопшти дека 154 ослободени затвореници биле депортирани во Египет според договорот за прекин на огнот.

Во соопштението се вели дека автобусите со околу 1.700 затвореници ослободени од затворот „Негев“ во јужен Израел, исто така, пристигнале во Појасот Газа.

Портпаролот на израелската Армија за новинската веб-страница „Тајмс оф Израел“ потврди дека сите затвореници Палестинци што требало да бидат ослободени се ослободени според договорот за Газа.

Процесот на ослободување на затворениците почна откако Хамас предаде 20 живи заложници Израелци според првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа.

Првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила во петокот, според планот на Трамп за ставање крај на двегодишната израелска војна во енклавата.

Од октомври 2023 година, во израелските напади се убиени повеќе од 67.800 Палестинци во Газа, повеќето од нив жени и деца, оставајќи ја енклавата во голема мера непогодна за живеење.