Израел: САД ја одобрија испораката на системите за противвоздушна одбрана „Стрела 3“

– Министерството за одбрана на Израел соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) го одобриле снабдувањето на Германија со системот за противракетна одбрана „Стрела 3“.

Во соопштението на Министерството се наведува дека американската Влада го одобрила барањето на Тел Авив, Германија да го купи одбранбениот ракетен систем „Стрела 3“ од Израел.

Американскиот Стејт департмент го извести израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, за одобрението од официјален Вашингтон.

Во соопштението се наведува дека ќе биде потпишан историски договор вреден 3,5 милијарди долари меѓу израелското Министерство за одбрана, Федералното министерство за одбрана на Германија и израелската авиоиндустрија.

Министерството соопшти дека ова ќе биде најголем договор на Израел во полето на одбраната во историјата.

Конечниот договор ќе биде готов за потпишување до крајот на 2023 година, по одобрението од парламентите на двете држави.

За Израел „Стрела 3“ е важен столб во одбраната на земјата, особено во иднина, од можни проектили со нуклеарни боеви глави.

Овој противракетен одбранбен систем може да уништи непријателски ракети со долг и среден дострел во Земјината атмосфера и над неа.