Американскиот милијардер Илон Маск изјави дека „нема шанси“ рускиот претседател Владимир Путин да ја загуби војната во Украина, додавајќи дека пакетот помош што денеска го усвои американскиот Сенат нема да и помогне на Украина.
- Овој пакет не и помага на Украина. Продолжувањето на војната не и помага на Украина – изјави Маск за време на дискусијата со американските политичари на социјалната мрежа „Х“, пренесе Блумберг.
Тој рече дека се надева дека Американците ќе контактираат со нивните избрани конгресмени за нацрт-законот за помош на Украина и ќе ги убедат да не го усвојат. Маск додаде дека понекогаш се соочува со обвинувања дека е „апологет на Путин“ , но истакна дека таквите тврдења се „апсурдни“.
Пакет за помош
Американскиот Сенат претходно денеска усвои предлог-закон за помош во вредност од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, и покрај противењето на некои републиканци. За да биде усвоен пакетот помош, тој мора да биде прифатен и од Претставничкиот дом, каде мнозинство имаат републиканците.
Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, рече дека може да поминат неколку недели или месеци пред законот да биде испратен на потпис до американскиот претседател Џо Бајден .
Републиканците бараат приоритет на Конгресот да биде заштитата на јужната граница на САД со Мексико, каде што американските држави се соочуваат со прилив на голем број илегални мигранти.
Тие бараат прво да се донесе законот за заштита на американската граница, па дури потоа да се разговара за помошта за Украина