Илјадници евакуирани во Тајван поради тајфунот Хаикуи

– Илјадници луѓе се евакуирани во Тајван пред налетот на тајфунот Хаикуи кој се очекува да донесе пороен дожд и силен ветер на југот и истокот на островот, пред да продолжи кон запад, во југоисточната кинеска покраина Фуџијан.

Речиси 3.000 лица се евакуирани, а домашните летови се откажани од двете главни авиокомпании на островот, поради тајфунот кој се предвидува да стигне до копното в недела навечер, објави локалниот весник на англиски јазик „Тајпеи Тајмс“.

Властите ја откажаа наставата и прогласија слободен ден за работниците во неколку окрузи и градови на истокот и југот пред пристигнувањето на тајфунот, првиот кој го зафаќа островот и кој ќе го премине неговиот централен планински венец во последните четири години.

Хаикуи е многу послаба бура од тајфунот Саола што во саботата ги погоди Хонг Конг и јужната кинеска покраина Гуангдонг.

Се очекува тајфунот на Тајван да стигне со намалена категорија 1 и 2.

Во меѓувреме, тајфунот Саола ослабе откако вчера напладне по вторпат го зафати Јангјанг, јужната кинеска покраина Гуангдонг, носејќи силни ветрови и врнежи од дожд.

Надлежните, сепак, предупредија на можни секундарни катастрофи предизвикани од постојаните врнежи од дожд, како поплави и поројни буици.