“ИМА НЕКОЛКУ ТЕШКИ СКРШЕНИЦИ…“ – Софија Лорен заврши на итна операција: “Откажани и се сите ангажмани“

Софија Лорен била подложена на итна операција во неделата, откако претрпела неколку скршеници, вклучително и една на бутната коска, по тешкиот пад во нејзиниот дом во Швајцарија

Италијанската актерска икона, која наполни 89 години на 20. септември, паднала во бањата и се здобила со повеќекратни фрактури на колкот и сериозна фрактура на бутната коска за која била потребна операција, изјавил извор близок на актерката за странските медиуми. Изворот, исто така, додал дека постои внимателен оптимизам за исходот од операцијата и за закрепнувањето на Софија Лорен, што ќе вклучува кратко опоравување во болница проследено со долга рехабилитација.

Веста за падот на Софија Лорен ја откри ресторанот што таа требало да го отвори во италијанскиот град Бари на 26. септември – четвртиот таков ресторан што го носи нејзиното име. Актерката требаше да ја добие титулата почесен граѓанин на градот, но сега во догледно време и се откажани сите ангажмани.

слика
Софија Лорен

Изворите велат дека со неа во болница се и синовите на актерката Карло и Едоардо. Едоардо го режираше нејзиниот последен игран филм, проектот на Netflix од 2020 година „The Life Ahead“, кој и ја донесе наградата „Дејвид ди Донатело“ за најдобра женска улога.

Во 2021 година, таа беше тема на документарниот филм на Netflix – „What Would Sophia Loren Do ?“. Последниот јавен настап на Софија Лорен беше на ревијата на Armani во Венеција на 2. септември, одржана за време на 80-от филмски фестивал во Венеција.