Дел од катастарските услуги поскапеа тројно. При купувањето на нов стан и уписот во Катастар, граѓаните наместо 1.250 денари за сопственичкиот лист ќе треба да платат најмалку 3.750 денари, објавува телевизија Сител.
Досега при промената на сопственоста, покрај квадратурата на станот, на имотен лист е заведен и дел од заедничките простории, како и дел од земјиштето под зградата.
Сега ќе треба да се плати за секој имотен лист посебно, што значи дека 3-те списоци граѓаните ќе ги чинат 3750 денари, плус 600 денари за нотарски услуги. Доколку купат и гаража ќе треба да платат друг имотен лист, поточно дополнителни 1250 денари.
Агенцијата за катастар ја објави новата Тарифа со која се зголемија и цените на геодетите. Владата даде согласност за поскапување на 30 јануари, а Тарифата стапи на сила на 15 февруари.
Раководителот на Катастарот не одговори на нашите повици да појасни што го предизвикало енормното поскапување, но за АИМ изјави дека зголемувањето се должи на порастот на реалните трошоци (за струја, гориво, софтверски лиценци, одржување на опрема, зголемување на платите и Сл.), кои биле основа за пресметка на надоместокот, а се однесуваат на извршување на геодетски работи.