Припадници на индиската Агенција за приходи започнаа претрес на канцелариите на Би-би-си во Њу Делхи и во Мумбај, неколку недели откако британскиот медиум емитуваше контроверзен документарен филм за улогата на премиерот Нарендра Моди во погромите против муслиманите во 2002 година.
Минатиот месец Индија го забрани емитувањето на документарниот филм од два дела „Индија: Прашањето на Моди“. Властите презедоа и мерки да го спречат прикажувањето на филмот и дистрибуцијата на клипови од него на социјалните мрежи, што од критичарите и опозицијата беше оценето како напад врз слободата на печатот.
Филмот се фокусира на времето кога Моди, политичар со хинду националистички ставови, беше главен министер на западната индиска држава Гуџарат, каде во немирите во 2002 година загинаа десетици муслимани.
Моди владееше со државата десет години пред да стане премиер на Индија во 2014 година. Меѓутоа, во сите овие години по немирите, неговата кариера беше оптоварена со обвинувања дека, како главен министер во Гуџарат, тој не направил доволно за да спречи крвопролевање. Во 2013 година, судот пресуди дека нема доволно докази против него за да го изведе пред лицето на правдата.
Минатиот месец, полицијата во Њу Делхи уапси студенти кои се собраа да го гледаат филмот. Индиското Министерство за надворешни работи претходно филмот го оцени како пристрасен и производ на „упорно колонијално размислување“.
Би-би-си ги поддржа авторите на филмот и цврсто застана зад неговата содржина.