Иницијативата Заедно за реките и The Nature Conservancy ќе работат на заштита на реките во регионот

 – Пред јавноста денеска  беше претставена регионалната иницијатива Заедно за реките, која е посветена на зачувување на 13 реки во Југоисточна Европа. Истакнувајќи го вклучувањето на локалните заедници, организацијата The Nature Conservancy и шест партнерски организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија и Србија работат на воспоставување нови заштитени подрачја покрај реките со цел да ги зачуваат нивните природни, општествени и културни вредности.

Југоисточна Европа е дом на некои од последните диви реки на континентот. Тие се крвотокот на заедниците и екосистемите и обезбедуваат вода за пиење, ја поддржуваат биолошката разновидност и го овозможуваат животот. Но, денес реките се многу позагрозени поради загадувањето, уништувањето на живеалиштата, неодржливиот развој и климатските промени. Станува збор за глобален проблем кој има локално решение: од 1970 година, на глобално ниво бројот на популации на слатководни видови е намален за 83%, а изгубени се 30% од слатководни екосистеми.

– Нашата иницијатива се заснова на верувањето дека вклучувањето и зајакнувањето на локалните заедници е клучно за ефикасна и трајна заштита на реките, вели Драгана Милеусниќ, директорка на Програмата за Југоисточна Европа во организацијата The Nature Conservancy.

Воспсотавена е соработка со бројни засегнати страни, вклучувајќи ги и невладините организации, приватниот сектор, локалните заедници и владите со цел да се развие сеопфатно и долгорочно решение за заштита на реките.

– Заштитата на нашите реки ја препознавме како социјален, економски и еколошки приоритет. Зачуваните реки се клучни за нашата благосостојба бидејќи обезбедуваат вода за пиење, ја поддржуваат биолошката разновидност и овозможуваат живот. Работејќи на заштита на реките, ние инвестираме во одржливата иднина на нашите заедници, изјави Ѓорѓи Митревски, програмски координатор во Еко-свест Македонија.

Покрај Еко-свест и The Nature Conservancy, членови на иницијативата се и Центарот за животна средина, здружението Динарика и младинскиот клуб Нови Вал од Босна и Херцеговина, еколошкото здружение Рзав од Србија и Еко-тим од Црна Гора.

Иницијативата Заедно за реките активно работи на заштита на 13 реки во регионот со цел да се поттикнат нови локални иницијативи за заштита на реките. Преку научно истражување и разбирање на потребите и ставовите на локалните заедници, иницијативата Заедно за реките се обидува да обезбеди рано и транспарентно вклучување на сите засегнати страни со почитување на уникатните природни, социјалните и културните карактеристики на секоја река.

Откако ќе се воспостави заштита и ќе се обезбеди добро управување на заштитеното подрачје, тоа ќе биде директен придонес во исполнувањето на меѓународните обврски на кои што се обврзаа земјите од регионот. 

Иницијативата Заедно за реките ги повикува да се придружат сите поединци, организации и заедници од регионот кои сакаат да ги заштитат реките за идните генерации.