Земјоделството, градежништвото, угостителството, туризмот – овие гранки останаа без работна сила, а причина за тоа се ниските плати, вели Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија. Најмногу се чувствува во месеците пред летниот период.
„Цели автобуси и градови се отселуваат во месец март и април и се враќаат во октомври ноеври кога ќе заврши сезоната. Во една Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и така натака не зборувам за оние трајно што се отселиле во западноевропските земји но, голем дел од нашите работници за дупло и тродупло веќе, поголема плата основна заминуваат. Едноставно треба да се знае дека македонскиот работник на кое работно место е, за која плата работи и каков договор има потпишано и тоа да биде така постојано во текот на целата година, не само во сезоната, од друга страна ако не направите ништо на тоа поле зборувам како влада за нивните вработени во јавните инситуции исто така и за приватниот сектор ќе имаме се поголем одлив на работна сила“, вели Пешевски.
Само во Хрватска, според податоците на државните институции, минатата година биле издадени над 10.000 дозволи за работа за македонски државјани, што е значителен пораст во однос на претходните години.
Директорот на агенцијата на вработување за Алсат вели дека одливот на работна сила ќе може да стагнира доколку работодавачите ги покачат плактите.
„Би апелирал и до работодавачите да почнуваат да мислат околу вреднување на трудот на работниците и со платите да бидат малку по дарежливи, еве така да кажеме кон вработените со цел за да имаат работна сила која што ќе им работи во нивните фирми, затоа што без работна сила нема да можат и они успешно како бизниси да работаат“, рече Сељатин Бељули, директор на Агенција за вработување.
Надлежните за да го олеснат ангажирањето на сезонските работнции во земјава усвоија законски измени со кои на студентите, пензионерите, невработените и корисниците на социјална помош ќе можат легално да работат сезонски работи, како чување деца или стари луѓе, без да ги изгубат правата на стипендија, пензија или надоместок за невработеност. Новиот закон кој ќе ја регулира сезонската работа треба да стави ред во оваа област. Работниците кои ќе бидат сезонски ангажирани, ќе добијат пензиско и здравствено осигурување.
Од Агенцијата за вработување додаваат дека и тие преземаат мерки за намалување на невработеноста и задржување на работната сила во земјава.
„Првиот дел кои што го спомнав се самовработување, вработувања на субвенционирање и имаме според закон вработување инвалидни лица, вработрување на лица со посебни потреби. Таму во тој дел директно се вработуваат околу некаде над 3000-4000 преку тие две мерки што е значителна бројка и понатака влијае во тоа вие што го спомнавте намалување на невработеноста“, додава Бељули.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2024 година, активното население во Република Северна Македонија изнесува 795 321 лице, од кои вработени се 700 526, а 94 795 лица се невработени.