Исклучителни мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски: Вака осомничениот за убиството на Вања и Панчо пристигна во Скопје (Видео)

Палевски е во специјалното одделение на затворот во Шутка, каде што се останатите осомничени за убиството на Вања Горчевска и Панче Жежовски.

По пристигнувањето во Македонија, Љупчо Палевски-Палчо веднаш бил префрлен во затворот Шутка бидејќи веќе е задржан во притвор од 30 дена, јави ТВ Телма.

Тој е донесен во истражниот затвор Скопје во колона од четири неозначени полициски автомобили.

Турската полиција го придружувала со куфер во кој имало неговите работи пронајдени при неговото апсење во Баликесир, како и оние што ги купил и примил додека бил во затвор во Турција.

Неговиот багаж го чекал на аеродромот во Скопје, поради што е продолжен трансферот до Шутка.

Со багажот бил префрлен директно во Шутка, каде што му била подготвена специјална ќелија. Ќелијата се наоѓа во истиот дел од затворот каде во посебни и пространи ќелии се сместени уште тројца притвореници и осомничени за грозоморните злосторства што го потресоа регионот – убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски – а за кои првоосомничен е Палевски.

Тој ќе биде и под посебно обезбедување, во ќелија до која се пристапува од посебен коридор. Мерките се утврдени поради безбедносен ризик.

Во затвор Палевски ќе биде подложен на детален лекарски преглед. Потоа, како и останатите осомничени, ќе му биде доделен затворски комбинезон.

Предвидени се безбедносни мерки и за исхраната на приведениот Палевски. Од затворот велат дека храната за него ќе биде специјално проверена.

Притвореникот ќе има можност да оди еднаш дневно, но не во друштво со други притвореници, туку сам во посебен отворен простор поврзан со неговата ќелија, наменет за притвореници од висок ризик.