Исланд, Данска и Ирска се најбезбедните земји во светот, Северна Македонија на 38. место

– На врвот на листата на најбезбедни земји во светот е Исланд, а зад него се Данска и Ирска, покажува најновата листа на Глобалниот индекс на мирот направена од Институтот за економија и мир.

Исланд се смета за најбезбедна земја за туристи кои летуваат, бидејќи е оценет како политички стабилен и има ниска стапка на криминал.

Извештајот претставува најсеопфатна анализа направена врз основа на досегашните податоци за трендовите во мир, неговата економска вредност и начинот на развој на мирни општества. Во подготовката на извештајот се земени предвид 23 квалитативни и квантитативни показатели, меѓу кои се перцепцијата на криминалитетот, стапката на убиства, насилните демонстрации, политичката нестабилност, увозот и извозот на оружје, влијанието на тероризмот, можноста за нуклеарно и тешко оружје и слично.

На листата од 163 земји, меѓу првите 10 се Данска, Ирска, Нов Зеланд, Австрија, Сингапур, Португалија, Словенија, Јапонија и Швајцарија.

Северна Македонија е на 38. место, а од земјите во регионот најдобро позиционирана е Словенија (8), потоа Хрватска (14), Црна Гора (45), Босна и Херцеговина (61) и Србија на 65. место.

Соединетите Американски Држави се на 131 место, Велика Британија е на 37 место, Германија е на 15 место.

Како најмалку безбедни се означени Авганистан (163), Јемен (162), Сирија (161), но и Русија (158) и Украина (157). Во извештајот се наведува дека просечното ниво на мир во светот е влошено за 0,42 отсто, што е деветта година по ред како глобалниот мир се влошува. Се додава дека минатата година 84 земји забележале подобрување, додека 79 земји забележале влошување на мирот.

Конфликтите во Украина беа идентификувани како главни причини за влошување на мирот, иако интензитетот на конфликтите растеше ширум светот уште претходно.