Истакнат француски гинеколог: „Мажите немаат место во родилната сала“

За многу мажи, присуството на раѓање на детето е важен и емотивен настан. Сепак, еден од водечките светски акушери, Мишел Одент, смета дека присуството на таткото може да го направи породувањето подолго, поболно и покомплицирано.

„Пристигнувањето на бебињата во светот би било поедноставно доколку жените останат сами со бабица да им помогне, како во минатото“, рече еднаш Одент и објасни зошто идеалната средина за породување генерално не ги вклучува мажите.

„Посетувајќи пораѓања во болниците во Франција, Англија и Африка повеќе од 50 години, најдоброто опкружување што го знам за лесно породување е кога нема никој околу родилката освен тивка и искусна бабица. Значи, нема лекар и нема сопруг“, рече тој за Обсервер.

„Пораѓањето е полесно и побрзо во вакви ситуации отколку кога има други луѓе наоколу, особено машки фигури – сопрузи и лекари“, истакна тој.

„Несоодветната средина е виновникот за зголемениот број на царски резови“

Одент објаснува дека присуството на маж кај жените го стимулира производството на адреналин, што не прави напнати и го забавува природното производство на окситоцин, кој е од витално значење за породувањето.

“Доколку има недостиг на окситоцин, породувањето не е толку ефективно и сè станува потешко. Породувањето станува подолго, поболно и потешко бидејќи хормоналната рамнотежа кај жената е нарушена поради несоодветната средина. Ова го објаснува фактот дека се повеќе и повеќе жени денес раѓаат со царски рез“, тврди тој.

Мажите почнаа да посетуваат породувања во 1950-тите. Одент го поврзува ова со „индустријализацијата на породувањето“, кога жените почнаа да се пораѓаат во болници наместо дома, и сакаа некој да ги поддржи во текот на процесот. Инаку, Одент е за породување во вода, ја нагласува важноста на контактот кожа со кожа по породувањето и го поттикнува доењето во првиот час од раѓањето на детето.