Редовната хидратација не само што влијае на физичкото здравје, туку и на начинот на кој нашите тела реагираат на стрес. Нова студија открива дека пиењето доволно вода може да помогне во намалувањето на нивото на хормонот на стрес кортизол, што го олеснува справувањето со секојдневните предизвици, пишува EatingWell.
Познато е дека водата е неопходна за нормално функционирање на телото, но повеќето луѓе сè уште не пијат доволно течности. Според податоците, просечниот возрасен човек пие само околу 1,3 литри вода дневно, што е значително помалку од препорачаните 3,7 литри за мажи и 2,7 литри за жени.
Хидратација и стрес, дали постои врска?
Нашето тело е составено од 50 до 60 проценти вода, па затоа дехидрацијата може да наруши речиси секоја функција, од регулација на температурата до транспорт на хранливи материи и кислород. Научници од Обединетото Кралство одлучија да истражат дали недостатокот на вода може да влијае на реакцијата на телото на стрес, односно дали предизвикува посилно производство на кортизол кај дехидрираните луѓе. Тие ги објавија своите наоди во Journal of Applied Physiology.
Како беше спроведено истражувањето?
Во студијата учествувале здрави, рекреативно активни мажи и жени на возраст од 18 до 35 години. Учесниците го евидентирале внесот на сите течности, вклучувајќи вода, млеко, сокови, кафе и алкохол, во текот на седум дена, и собирале примероци од урина.
Врз основа на овие податоци, тие се поделени во две групи:
- Ниска хидратација (помалку од 1,6 литри дневно за мажи и 1,5 за жени)
- Висока хидратација (најмалку 2,9 литри за мажи и 2,5 за жени).
Потоа тие биле подложени на Триеровиот тест за социјален стрес (TSST) – психолошки тест што вклучува симулирано интервју за работа и ментална аритметичка задача пред публика. За време на тестот, биле мерени срцевиот ритам и нивоата на кортизол во плунката.
Резултати од истражувањето
Резултатите покажаа дека луѓето кои пиеле помалку вода имале повеќе маркери на стрес во плунката, урината и крвта. Нивните нивоа на кортизол значително се зголемиле за време на тестот, додека добро хидрираните учесници не покажале таква промена.
Научниците заклучија дека дехидрацијата може да го зголеми одговорот на телото на стрес, што може да има негативни долгорочни здравствени последици. Иако студијата покажува поврзаност, а не причинско-последична врска, истражувачите нагласуваат дека резултатите „може да објаснат зошто недоволното внесување течности е поврзано со полоши долгорочни здравствени исходи“.
Како да се примени ова во пракса?
Кортизолот, познат како хормон на стрес, природно се ослободува во ситуации на опасност. Сепак, постојано покачените нивоа можат да доведат до хроничен замор, воспаление и зголемен ризик од срцеви заболувања, дијабетес и депресија.
Затоа експертите советуваат редовно пиење вода во мали количини во текот на денот. Најдобро е да се обидете да пиете половина чаша вода на секој час за да одржувате редовна хидратација. Иако многу пијалоци ќе помогнат со хидратацијата, експертите веруваат дека водата е секогаш најдобриот извор.