Спорната експлоатација на природен гас од подморско наоѓалиште во близина на германскиот остров Боркум во Северното Море е се поизвесна, бидејќи надлежното покраинско тело го одобри проектот, објави агенцијата ДПА.
Министерството за рударство, енергија и геологија (LBEG) на северната покраина Долна Саксонија во средата објави дека и додели на холандската енергетска компанија ONE-Dyas 18-месечна дозвола за дупчење на морското дно.
Експлоатацијата на гасот ќе престане ако се покаже дека на Германија веќе не и е потребен природен гас како енергенс, според таа дозвола и договор.
Имено, Германија планира да го забрза користењето на обновливите извори на енергија, како што се сончевата и ветерната енергија, поради намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид.
Претседателот на ЛБЕГ, Карстен Миленмаер, изјави дека користењето на гас од сопствени наоѓалишта е значително помалку штетно за климата отколку употребата на увозен гас.
ONE-Dyas има намера да започне со екстракција од наоѓалиштата на гас кај Боркум и во близина на холандскиот остров Ширмониког во текот на оваа година. Се планира дупчење на длабочина од 1,5 до 3,5 километри.
Еколошките организации и населението во Германија и Холандија се против проектот. Неформалната организација Петок за иднината неодамна одржа протести во Боркум и пред зградата на покраинскиот парламент во Хановер поради тоа, додека германското еколошко здружение ДУХ најави дека ќе се обрати до судството доколку покраината го одобри проектот.
Загрижени се, како што велат, не само за влијанието на проектот врз климата, туку и на националниот парк Ваденско Море, кој се простира на територијата на Германија и Холандија, а е на листата на светско наследство на УНЕСКО.
А Сојузното министерство за заштита на животната средина пред одлуката на покраинските власти најави дека има резерви и дека во контекст на заштитата на морето загрижено гледа на тој проект.