Кавадарци повика невработени лица да се вклучат во Општинско – корисна работа, лични асистенти за средношколци со попреченост

Општина Кавадарци денеска објави јавен повик, евидентирани невработени лица да се вклучат во програмата за Општинско – корисна работа, лични асистенти за средношколци со попреченост, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев. 

Активностите се врз основа на договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РСМ, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општина Кавадарци, во рамките на оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година, усвоен од Владата на Република Северна Македонија.  Програмата Општинско – корисна работа е финансирана од буџетот на Агенцијата за вработување на РСМ. 

– Се работи за работно ангажирање со скратено работно време од девет месеци заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд. Во овој период влегуваат обуката и работата. За време на работниот ангажман, статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица -корисници на паричен надоместок и на корисници на право на гарантирана минимална помош, за времетраење на работно ангажирање, ќе им биде активно претходно остварено право, појаснија од кабинетот на Јанчев. 

За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во програмата,  се предвидува месечен паричен надоместок во висина од 13.750,00 денари бруто износ за времетраењето на работното ангажирање, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.