Каде е девојчето со зелени очи од најпознатата фотографија на светот – 40 години подоцна: Се омажи на 13 години, живееше во сиромаштија, а во 2016 година ја снајде понижувачка судбина
Завиткана во стар, искинат шал во боја на цигла и со продорни, прекрасни зелени очи насочени директно во камерата, портретот на Авганистанката Гула Шарбат стана една од најпознатите фотографии во светот. Сцената ја снимил американскиот фотограф Стивен МекКари, а фотографијата позната како „Авганистанско девојче“ завршила на насловната страница на магазинот „Нешнал џиографик“ во јуни 1985 година. Оттогаш оваа слика ја обиколи планетата неколку пати, а интересно е што самата Гула прв пат ја видела дури 17 години подоцна.
Во 1984 година, Стив работеше како фоторепортер на National Geographic во Пакистан за време на раните години на советската инвазија на соседен Авганистан.
За време на едно од снимањето, тој влегол во исламското верско училиште за девојчиња во бегалскиот камп, а првото нешто што го видел биле прекрасните очи на тогаш 10-годишата ученичка Шарбат Гула.
Иако сакала да го сокрие лицето, фотографот побарал помош од нејзината учителка за да ја убеди да соработува. Во едно интервју Гула откри дека се сеќава „само на својот гнев“ што го почувствувала во моментот кога била направена фотографијата. Имено, во културниот контекст на паштунските норми (ирански народ кој главно живее во Пакистан и Авганистан), постапките на МекКари била крајно наметливи. Не било вообичаено девојката да го открива своето лице или да има блиска интеракција и да воспоставува контакт со очи со мажи надвор од нејзиниот семеен круг.
Фотографијата е придружена со натпис „Загрижен поглед што ги открива стравовите на авганистански бегалец“, кој своевремено се толкуваше како симбол на неволјите на авганистанскиот народ , но многу години подоцна се покажа дека вознемирениот поглед на девојката е најверојатно резултат на непријатноста и стравот што Гула ги чувствувала додека МекКари ја фотографирал.
МекКари оваа фотографија го вивна во ѕвездите на фотографското небо – не само што собираше ловорики и слава, туку имаше и значителен материјален профит од неа. Сепак, Шарбат Гула не добила ништо!
„Таа фотографија ми зададе многу маки…сака никогаш да не беше направена“
Новинарите на магазинот „National Geographic“, 17 години подоцна решија повторно да ја побараат Гула и да направат нов портрет на оваа, во тоа време, возрасна жена. За жал, единствената очигледна промена во нејзиниот живот беа годините. Гула, која се омажила и го напуштила училиштето на 13 години, дури тогаш дознала дека фотографијата е репродуцирана низ целиот свет.
“Таа фотографија ми направи многу проблеми… Посакувам никогаш да не беше направена. Добро се сеќавам на тој ден, тој фотограф кој пристигна во училиштето. Бев дете. Не ми се допаднаа фотографиите. Во авганистанската култура , жените не се појавуваат на фотографиите. Но, немаше многу избор“, изјави таа минатата година за италијанска „Република“.
Додека фотографијата на нејзиниот лик уживаше слава, самата Гула се бореше да преживее со сопругот и децата во оддалечена област на границата меѓу Авганистан и Пакистан. Многу малку проблеми во животот ја заобиколија – нејзиниот сопруг почина, оставајќи ги неа и децата на милост и немилост на неговото семејство. Потоа, во 2016 година, пакистанските власти ја уапсија под обвинение за фалсификување документи кои и дозволувале да остане на нивна територија. Тоа, сепак, беше вообичаена практика, но властите во Исламабад решија да го запрат со казнување на жената која беше симбол на Авганистан.
Гула се врати во Кабул со своето семејство – авганистанската влада ги поддржа и им даде сместување. Сепак, нејзината ќерка не можеше да се школува, иако многу сакаше. Тоа, како и лошите услови за живеење, го принудија семејството да продолжи да бара безбедност и подобар живот, а во 2021 година среќата им се насмевна. Италијанската влада им ги отвори вратите, а денес Гула и нејзините деца живеат во мало италијанско гратче.
„Овде сме слободни, можеме да избираме. Ќерка ми сака да стане лекар и јас и ветив дека ќе направам се за да и ја остварам таа желба“, вели оваа 49-годишна жена.
Гула истакна и дека луѓето околу неа се љубезни кон неа, но дека не разговара со многу луѓе бидејќи не го знае јазикот. Таа вели и дека е среќна бидејќи никој не знае која е таа.
„До сега речиси никој не знае која сум и тоа е во ред со мене. Да ви кажам, првиот пат кога овде отидов во болница, лекарите и медицинските сестри ме погледнаа и ме прашаа дали јас сум девојката на фотографијата. На крајот заклучија да не сум и јас бев среќна поради тоа. Само мојата наставничка по италијански, мојот доктор и уште неколкумина ја знаат мојата приказна и мило ми е што е така“, заклучила таа.