Каде се очекуваат најинтересни битки во вториот изборен круг?

Во дел од општините каде ќе се одржи втор круг на локалните избори се очекува неизвесна битка, не само поради тесниот резултат во првиот круг меѓу кандидатите што влегуваат во втор круг, туку и поради можните комбинаторики, бидејќи непредвидливо е како ќе се распределат големиот број на гласови освоени од страна на кандидати кои веќе отпаднаа во игра, а вообичаено ќе се судрат и партиски интереси и стратегии.

По гласањето на локалните избори, јасно е дека уште во првиот круг е избран градоначалник во над 40 општини. Според првичните се уште неофицијални резултати од досега обработени податоци од 99,9 отсто од избирачките места, најголем дел од избраните градоначалници се кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, која освои 32 градоначалници. Потоа следува ВЛЕН со 5 градоначалници, додека СДСМ и НАИ добија по тројца градоначалници.

Притоа, кандидатите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ веќе имаат градоначалници во Берово, Битола, Бутел, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Делчево, Демир Хисар, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Кисела Вода, Кратово, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Штип и други „помали“ и рурални општини.

Што се однесува до другите партии, владејачката коалиција ВЛЕН во трката за градоначаланик во првиот круг победи во Арачиново, Желино, Теарце, но и во особено битните скопски општини Сарај и Чаир. Нивниот противник, односно коалицијата НАИ предводена од ДУИ, во првиот круг се избори за градоначалници во Липково, Пласница, за првпат во Чашка и веројатно во Гостивар. Опозицискиот СДСМ, пак, во првиот круг освои градоначалнички места во Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани.

Во над 30 други општини за 2 недели ќе се одржи втор круг, кога избирачите ќе имаат право да се определат меѓу двајцата кандидати за градоначалници кои освоија најмногу гласови во првиот круг. Такви општини се Градот Скопје, потоа Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Демир Капија, Дојран, Карпош, Кичево, Кочани, Македонска Каменица, Македонски Брод, Неготино, Пробиштип, Боговиње, Дебар, Тетово, Крушево, Центар, Струга, Шуто Оризари, Куманово, Студеничани….

Во најголем дел од нив може да се претпостави исходот, бидејќи еден од кандидатите влегува како голем фаворит во однос на неговиот противкандидат, имајќи ги во предвид резултатите во првиот изборен круг. Од поголемите општини, такви се, на пример, Аеродром, Тетово, Куманово, па донекаде и Центар, каде, според моменталните трендови, се очекува кандидатите кои освоија повеќе гласови во првиот круг да победат во вториот круг со иста или уште поубедлива разлика.

Меѓутоа, во дел од општините се очекува интересна и непредвидлива битка, не само поради тесниот резултат во првиот круг меѓу кандидатите кои влегуваат во втор круг, туку и поради можните комбинаторики, бидејќи неизвесно е како ќе се распределат големиот број на гласови освоени од страна на кандидати кои веќе отпаднаа во игра, а вообичаено ќе се судрат и различните политички и партиски интереси и стратегии. За такви општини важат Карпош, Струга, Кичево, Кочани…

Имено, во рамки на трката за градоначалник на Општина Карпош, во првиот круг најмногу гласови освои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски – 10.284 гласови. Тој во вториот круг ќе се натпреварува со се уште актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, кој во битката за петти градоначалнички мандат влегува во освоени 8.761 гласови во првиот круг. Додека Лукровски се надева дека ќе ја потврди победата, Јакимовски изрази надеж дека во вториот круг ќе направи пресврт со помош на опозициските гласачи кои во првиот круг гласале за други кандидати.

Поточно, во првиот круг кандидатката на СДСМ Маја Мојсова освои 3.827 гласови, кандидатот на Левица Антонио Димитров освои 2.802 гласови, додека независната кандидатка Невена Георгиевска освои 2.669 гласови. Математички гледано, ако Јакимовски го повтори изборниот резултат и плус успее да привлече барем дел од гласачите кои гласале за Мојсова, Димитров и Георгиевска, тој може повторно да стане градоначалник. Но, во политиката не секогаш 2 плус 2 испаѓаат 4, односно прашање е колку овие гласачи би гласале за него, колку би останале дома, а колку би гласале за Лукровски.

Сепак, дека се можни одредени комбинаторики навестуваат и резултатите за општинскиот совет. Она што е интересно, Лукровски како кандидат за градоначалник освоил повеќе гласови отколку советничката листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (9.852), а Мојсова и Димитров освоиле помалку гласови отколку советничките листи на СДСМ, односно Левица (4.130/4.177). Тоа може да доведе до разни заклучоци, а еден од нив е дека уште во првиот круг можеби имало пренасочување на дел од гласовите со цел одреден кандидат да се факторизира за втор круг.

Исто така, интересна и неизвесна битка се очекува во Струга, каде во вториот круг влегуваат независниот кандидат поддржан од владејачките ВМРО и ВЛЕН, Менди Ќура, од една страна, и кандидатот на НАИ Арсим Далипи. Во првиот круг, Ќура освои 9.934 гласови, а Далипи освои 9.719 гласови. Кога ќе се погледнат резултатите на советничките листи, јасно произлегува дека резултатот на Ќура е производ на здружената поддршка на ВМРО и ВЛЕН (5.749 +4.059), додека Далипи се потпира на партиите здружени во НАИ, кои на советничката листа освоија 7.587 гласови.

Во вториот круг, се очекува ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН со уште поголем интензитет да го поддржат Ќура, но нејасно е како ќе се однесуваат оние 2.809 граѓани што ја поддржаа Јована Мојсоска од Левица (Левица на советничката листа освои 911 гласа), но пред се оние 2.835 гласачи кои гласаа за независна советничка листа, зад која јавно застана долгогодишниот струшки градоначалник од ДУИ Рамиз Мерко. Веројатно незадоволен од тоа што Струга му на Зијадин Села во рамки на НАИ, тој предизборно поддржа независна советничка листа, што може да се покаже како клучно при изборот на идниот градоначалник.

Понатаму, традиционално неизвесен натпревар се очекува во Кичево, каде може да се повтори контекстот и амбиентот од претходните неколку изборни циклуси, кога во вториот круг всушност се одвиваше етнички натпревар меѓу кандидат Македонец и кандидат Албанец. На овие избори, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, поддржан и од СДСМ, Александар Јовановски, во првиот круг освои 11.786 гласови, или двојно повеќе од второпласираниот Фатмир Дехари од ДУИ, кој, пак, освои 5.586 гласови.

Иако не во толкав размер, слично беше и на претходните локални избори пред 4 години, кога во вториот круг Дехари направи пресврт, бидејќи победи во т.н. етничко гласање. Всушност, тоа може да се повтори и во вториот круг на овие избори, под услов во вториот круг да го поддржат Дехари оние кои во првиот круг гласаа за другите кандидати Албанци, односно оние кои гласаа за Фатмир Лимани од ВЛЕН (4.164) и за независниот кандидат Шкодран Алили (3.902). Но, како што веќе посочивме, во политиката пазарот дома често не испаѓа на пазар.

Воедно, интересен натпревар се очекува во уште неколку општини каде во втор круг влегува независен кандидат, кој, по логика на нештата, може да смета на поддршка на партијата која испаднала во првиот круг, со цел индиректно да се поразат политичките опоненти. Таков е случајот со Дебар, каде во вториот круг ќе се соочат Фисник Мела од ВЛЕН (3.227 гласови) и независниот кандидат Рамадан Имери (2.532 гласови). Изненадувачки, Илириан Фетаху од НАИ испадна во првиот круг со 1.948 гласови, кои по се изгледа НАИ ќе се обиде да ги сврти кон Рамадани, со цел ВЛЕН да не брои уште една победа во изборното конто.

Независен кандидат влезе во втор круг и во Кочани. Станува збор за Венко Крстевски, в.д. кочански градоначалник по големата трагедија во „Пулс“, кој во првиот круг освои 3.394 гласови. Тој во вториот круг ќе се судри со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Грозданов, кој во првиот круг освои најмногу гласови или точно 5.641. Сепак, се очекува голем опозициски блок составен од СДСМ, Левица и други партии во вториот круг, директно или неофицијално, да го поддржат Крстевски.

По завршување на вториот круг, ќе се знае точниот број на градоначалници што ќе го освојат политичките партии и коалиции, по што ќе може да формираат целосна оценка дали постигнале успех или неуспех, преку споредба со моменталниот број на градоначалници што го имаат, иако не е битен само вкупниот број на општини, туки и нивната политичка тежина и значење. Арно ама, тие многу повеќе ќе треба да ги анализираат гласовите освоени на советничките листи, бидејќи сите партии и коалиции имаат пад во споредба со претходните локални избори, но пред се со ланските парламентарни избори.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ освои околу 301.000 гласа на гласањето за советнички листи, СДСМ ооколу 125.000 гласа, НАИ ооколу 114.000 гласа, ВЛЕН околу 92.000 гласа, Левица околу 58.000 гласа, ЗНАМ околу 39.000 гласа, а коалицијата ГРОМ-ЛДП околу 13.000 гласа. Дали овие бројки се резултат на понискиот одзив и расцепканите коалиции, на фактот што победниците во голем дел беа однапред познати и немаше политичка поларизација, што автоматски резултираше и со помала мобилизација, или, пак, едноставно на намалена доверба во изборниот процес?