Каде ќе заврши ‘Кралот на кроптовалутите’ !? Неколку моќни земји бараат негова екстрадиција но Црна Гора не попушта
Обвинителството на Црна Гора ги обвини јужнокорејскиот „крал на криптовалутите“ До Квон и еден негов сонародник за кривично дело фалсификување на исправа, објавија во петокот тамошните медиуми.
До Квон и неговиот соработник Хон Чонг Џун беа уапсени на аеродромот во Подгорица во март, по објавена меѓународна потерница, кога се обиделе да полетат со приватен авион за Дубаи.
До Квон во светот е познат како „крал на криптовалутите“, а неколку земји го сомничат за измама од 40 милијарди долари.
Властите во Црна Гора тогаш објавија дека До Квон е во нивната земја со фалсификувани документи, а црногорскиот министер за правда Марко Ковач кажа дека Јужна Кореја и САД бараат негова екстрадиција.
Официјална Подгорица се уште не одлучила на кому ќе бидат екстрадирани и додава дека земјите кои го бараат ќе треба да почекаат доколку се утврди дека уапсените ги прекршиле домашните прописи.
„Се одржа средба со дипломатски претставници на Јужна Кореја и ни беше предадено барање за екстрадиција на До Квон и неговиот сонародник. Барањето за екстрадиција на До Квон дојде и преку дипломатски канали од САД. Доколку друга земја побара екстрадиција, јавноста ќе биде навремено информирана“, објасни Марко Ковач на крајот на март.
До Квон, „кралот на криптовалутите“, официјално се бара поради злосторничко здружување. Светските медиуми пишуваат дека се сомничи за измама од 40 милијарди долари, по пропаѓањето на криптовалутите „тера“ и „луна“ минатата година.