КАКВА Е ИДНИНАТА НА ВАГНЕР !? По ‘долга’ пауза, се јави Евгениј Пригожин: “Моите борци сакаат да се вратат назад!“
Лидерот на приватната воена група Вагнер, Евгениј Пригожин, во гласовна порака објавена во понеделникот вели дека неговата група Вагнер во моментов не регрутира нови борци, но веројатно ќе го стори тоа во иднина.
Иднината на Вагнер и Евгениј Пригожин е нејасна откако тој направи кус бунт против рускиот естаблишмент кон крајот на јуни, но и покрај сите коментари за заладените односи, Евгениј Пригожин се сретна со Владимир Путин пет дена по бунтот и беше фотографиран минатата недела во Санкт Петербург, каде што претседателот на Русија беше домаќин на африканските лидери.
„Денес ги дефинираме нашите следни задачи, чии контури стануваат се појасни. Несомнено, тоа се задачи кои ќе се извршуваат во име на големината на Русија“, вели гласот што звучи како на Евгениј Пригожин во пораката објавена на социјалната мрежа Телеграм односно на профил поврзан со групата Вагнер.
По јунскиот бунт, Кремљ соопшти дека борците на Вагнер кои не учествувале ќе бидат префрлени во редовната Армија, потпишувајќи договори со Министерството за одбрана на Русија.
Очигледно алудирајќи на ова, Евгениј Пригожин во гласовната порака вели дека „за жал“ некои од неговите борци се преселиле во други „структури на моќ“, но вели дека сакаат да се вратат.
„Се додека не чувствуваме недостиг од кадар, не планираме да вработуваме нови борци“, вели Евгениј Пригожин.
„Сепак, ќе ви бидеме исклучително благодарни доколку останете во контакт со нас и штом Татковината треба да создаде нова група која ќе може да ги заштити интересите на нашата земја, ние дефинитивно ќе започнеме со регрутирање“, се вели во гласовната порака.
По бунтот, некои од борците на Вагнер се преместија во Белорусија и започнаа да ја обучуваат нејзината Армија. Во коментарите објавени минатата недела, Евгениј Пригожин, исто така, кажа дека Вагнер е подготвен дополнително да го зголеми своето присуство во Африка.