Клоп: Мбапе? Се смееме на таа приказна

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп ги коментираше гласините дека Ливерпул се обидува да го донесе Килијан Мбапе од ПСЖ. „Се смееме на таа приказна. Можам само да кажам дека е многу добар играч, но финансиските услови не ни одговараат. Не сакам да ја расипувам приказната, но колку што знам, нема вистина. Сепак, можеби некој во клубот подготвува нешто, па ќе ме изненади, иако тоа не се случило во моите осум години во клубот. Тоа би било првпат“, изјави германскиот стручњак за Скај.

За потсетување, Мирор објави дека Ливерпул преговара со ПСЖ за доведување на Мбапе на едногодишна позајмица. Француската ѕвезда не го продолжи договорот со парижаните, па следната година би можел да замине бесплатно. За да не се случи тоа, ПСЖ ја прифати рекордната понуда на Ал Хилал од 300 милиони евра, но Мбапе одби да се сретне со богатите Саудијци.

Според Мирор, Ливерпул го повикал Мбапе на една сезона. ПСЖ на тој начин би добил одредена сума на пари, а напаѓачот потоа би го остварил сонот и би заиграл за Реал. Мајката на Мбапе, Фајза Ламари е навивачка на Ливерпул, која се обидуваше да го врати напаѓачот додека настапуваше за Монако, но тешко дека тоа ќе се случи во наредните години.