„Ова е наш резултат“ Киев ја презеде одговорноста за последната експлозија на Крим, еве која беше целта (ВИДЕО)

Шефот на украинската разузнавачка служба Кирило Буданов денеска ја презеде одговорноста за експлозијата на рускиот воен полигон на Крим.

– Шефот на разузнавачката служба, Буданов, изјави дека детонацијата на складиштето за муниција на Крим е резултат на операција на Главната разузнавачка управа и вооружените сили на Украина – објави украинскиот весник Страна.

Гувернерот на Крим, Сергеј Аксјонов, изјави дека во вторникот вечерта избувнал пожар на воен полигон на истокот на полуостровот Крим.

Тој рече дека во пожарот нема жртви, дека патот Таврида е затворен за сообраќај, а повеќе од 2.200 лица од четири населени места се евакуираат.

Автопатот Таврида го поврзува целиот полуостров Крим и е главната сообраќајна артерија.

Тоа се случи откако две лица загинаа, а едно дете беше тешко повредено во понеделникот во експлозија на мостот Керч, таканаречениот мост Крим, кој ги поврзува Русија и полуостровот Крим.

Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина дека стои зад нападот. Украинските власти ниту ги потврдија ниту ги демантираат тврдењата на Русија.