Какви политички ефекти ќе има планот за техничка влада без министри на ВМРО-ДПМНЕ?

Професорот од правниот факултет Борче Давитковски оценува дека таквиот потег е спротивен од законските правила од „пржинската“ влада. Со тој став се согласува и поранешниот собраниски спикер Тито Петковски, кој за Канал 5 вели дека и власта и опозицијата мора да ги преземат договорените обврски, и за предлагање и за консензуално гласање бидеќи не се работи за политичка, туку за привремена влада.

„Ако слушне Прибе како неговиот предлог овие наши т.н. политичари, сигурно за Македонија веќе нема да сака да слушне. Собранието ја бира новата Влада, може со поединечни изјаснувања за секој кандидат да се изјасни дали ќе го прифати или не, тогаш веќе настанува друга ситуација. Но во моментов вие да апстрахирате, да ставите без министер за внатрешни работи, празно место, тоа е недопустливо во парламентарна демократија.“ изјави универзитетскиот професор, Борче Давитковски.

„Мислам дека нашите политички партии се уште не ги прележаа детските болести на политичкиот плуларизам и парламентарна демократија. А изборите самоте по себе и по дефиниција се врвен демократски чин. Законот за Влада не дозволува на ваков начин да се бира влада бидејќи сепак партиципира и опозицијата. Дека е спротивно на законот за влада ставот да не може да се иде на избор на министри без да партиципира опозицијата е исто така спротивен како што е спротивен и ставот на опозицијата дека не сака да учествува во изборот на таа влада.“ , вели Тито Петковски, поранешен претседател на Собрание.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска ги повторија партиските позиции- дека едни со други нема да се поддржат во гласањето во Собранието.

„Ако не заслужуваат предлозите од ДПМНЕ поддршка од пратениците од ДПМНЕ, нема основа да се бара тоа од другите пратеници. Во таков случај местата во техничката Влада на ДПМНЕ треба да останат празни, а мандатарот да предложи Влада во која што тие места ќе бидат непополнети.,“ велат од СДСМ.

Опозициската партија пак се сомнева во намери за загрозување на изборниот процес. Оваа тема ја поврзуваат со средбата Ковачевски-Заев-Ахмети.

„Мачно е да се гледа како Ковачевски буквално го моли ДУИ да му стане партнер на наредните избори. На добар пат е Ковачевски и Заев да ја претопат СДС во Социјадемократски сојуз на ДУИ. Дали тоа го договараа на средбата Заев, Ковачевски и Ахмети, каде единствено со тефтер за запишување на мудрите идеи дошол Ковачевски. Ваквото политиканство е штетно.“ – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, последниот состав на „пржинска“ влада на почетокот на јануари 2020 година до Собрание беше испратен со сите впишани министри на списокот и се гласаше во целина. Тогаш за технички премиер беше предложен Оливер Спасовски, а во Собранието немаше ниту еден против или воздржан од пратениците.

Канал 5 побара, но не доби одговор од Собранието, доколку овојпат биде испратен некомплетен состав од страна на Владата, дали истиот ќе биде ставен на гласање или таквиот потег го сметаат за спротивен на законот и деловникот.