КАКОВ “ШАМАР“ ЗА РУСИЈА – Ентони Блинкен и Жозеп Борек го искулираа Сергеј Лавров, а Бугарија не дозволи прелет поради Марија Захарова – руската делегација патуваше 4.000 километри до Скопје
Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Ентони Блинкен, во средата вечерта беше во Скопје, во пресрет на денешниот Министерски состанок на ОБСЕ и се сретна со министерот за надворешни работи Бујар Османи, но по неформалната вечера, тој го напушти главниот град пред доаѓањето на неговиот руски колега Сергеј Лавров.
На вечерата во Скопје, освен Ентони Блинкен, кој по Македонија отпатува за Израел, присуствуваа и министрите за надворешни работи на ЕУ и на Велика Британија, Жозеп Борел и Дејвид Камерон, по што сите тројца го напуштија Скопје пред да дојде Сергеј Лавров.
Можноста за средба Сергеј Лавров и Ентони Блинкен во Скопје беше најавена претходно, но висок функционер на Стејт департментот во средата изјави дека средбата не се очекува. Ентони Блинкен во Македонија беше пречекан и се сретна и со премиерот Димитар Ковачевски.
Во главниот град на Македонија денес се одржува Министерскиот состанок на ОБСЕ, на кој ќе бидат промовирани безбедноста, стабилноста и соработката меѓу земјите-членки.
Сергеј Лавров, по заминувањето на Ентони Блинкен, слета во Скопје, но не помина преку Бугарија, туку дојде во Македонија преку грчкиот воздушен простор иако беше најавено дека ќе пристигне во земјава преку нашиот источен сосед.
Министерот за надворешни работи на Полска, Шимон Шинковски вел Сек изјави дека нема да учествува на состанокот на ОБСЕ поради учеството на Сергеј Лавров.
„Не се согласуваме со поканата до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да дојде на средбата. Во таа смисла, беше одлучено да не учествуваме на средбата во Скопје“, порача тој.
Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека авионот на Сергеј Лавров доцна синоќа слетал на меѓународниот аеродром Скопје. Сергеј Лавров беше пречекан од рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин.
Авионот со кој Сергеј Лавров патуваше до Скопје прелета околу 4.000 километри и ги прелета Турција и Грција, иако првично беше планирано да лета за Скопје преку Бугарија, па затоа летот траеше повеќе од пет часа, јавија руските медиуми.
Руската медиумска агенција ТАСС наведува дека бугарската страна одбила да го отвори својот воздушен простор за авионот на Сергеј Лавров доколку во него била портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
„Доделена е дозвола на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и на делегацијата што го придружува да учествуваат на средбата во Скопје. Оваа дозвола не се однесува на директорката на Одделот за информации и печат на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, која е на списокот со санкции на ЕУ“, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Експертите, пак, сметаат дека овој потег не е поврзан со санкции, бидејќи Сергеј Лавров е и на црната листа на ЕУ.
„Веројатно официјална Софија се плаши од Марија Захарова и кога само лета над Бугарија“, изјавил неименуван дипломатски извор за дописникот на ТАСС.
Во руската делегација има околу 80 луѓе. Македонија привремено ја укина забраната за руски летови за да и дозволи на руската делегација да присуствува на состанокот на ОБСЕ, иако санкциите за другите летови остануваат на сила.
Во Скопје се очекува да учествуваат околу 1.000 делегати, а Бујар Османи истакна дека нема земја што ќе отсуствува од министерскиот состанок.
Бујар Османи кажа дека и балтичките земји и Украина, која најави отсуство на министри за надворешни работи, ќе имаат свои делегации со целосни права на одлучување во Скопје.