Извршен службен разговор со второосомничениот за симнување на знамето во манастирот на Попова Шапка

МВР соопшти дека денеска во СВР Тетово е извршен службен разговор со 23-годишниот Б.Л. од Мала Речица, кој е второто лице осомничено за симнување на знамето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија од јарболот на манастирот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка и поставување на знамето на Република Албанија.

Според МВР, по документирање на случајот и против Б.Л. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Како што информира МИА вчера, две маскирани лица го симнале знамето на МПЦ од јарболот пред храмот „Свети Наум Охридски“, по што е поставено знаме на Албанија. Претседателот на црковниот одбор го пријавил случајот во СВР Тетово, а настанот бил евидентиран и преку камери за видео надзор. МВР потоа соопшти дека полициски службеници на СВР Тетово завчеравечер, околу 23:30 часот, по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од Мала Речица кој се сомничи дека заедно со Б.Л. од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на МПЦ-Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија.