Алергиските реакции на храна кај бебињата можат да бидат исклучително загрижувачки за родителите, особено затоа што симптомите често се појавуваат многу брзо по консумирањето на одредена храна. Важно е да се препознаат првите знаци на алергија за да се реагира навреме и да се спречат посериозни компликации.
Подолу ги претставуваме најчестите симптоми што треба да се следат, како и совети за тоа што да се прави во случај на блага или тешка реакција.
Благите симптоми на алергија кај бебињата може да вклучуваат осип или црвени испакнатини на кожата, оток на усните, лицето или очните капаци, црвен осип околу устата каде што храната дошла во контакт, трнење во устата, болки во стомакот и повраќање.
Меѓутоа, ако вашето бебе развие посериозни симптоми кои би можеле да укажуваат на анафилактичка реакција, потребна е итна медицинска помош. Анафилаксата е ретка, но може да биде опасна по живот. Симптомите кои бараат итна реакција вклучуваат отежнато дишење, оток на јазикот, стегање во грлото, засипнатост, кашлање или свирење во градите, па дури и губење на свеста.
Во случај на сериозна алергиска реакција, веднаш повикајте брза помош или однесете го детето во најблиската болница. Доколку станува збор за блага реакција, избегнувајте повторно консумирање на проблематичната храна и задолжително консултирајте се со педијатар за да ја потврдите дијагнозата и да закажете понатамошен третман.
Исто така, ако вашето бебе е алергично на одредена храна, важно е да разговарате со нутриционист за да се осигурате дека детето продолжува да ги прима сите потребни хранливи материи за правилен раст и развој.