Северна Македонија најлошата позиција на рангирањето на Транспаренси Интернешнл ja имаше во 2020 година кога се најде на 111 место, а најдоброто рангирање на 64 место имаше во 2014 година.
Земјите од Западен Балкан имаат минимален напредок во последната декада во борбата со корупцијата гледано според оценките на Транспаренси Интернешнл (ТИ). Северна Македонија има подобра оценка и мал напредок, но и натаму заостанува споредено со оценките кои ги добиваше до 2016 година.
Црна Гора и натаму е најдобро пласирана на Индексот за перцепција на корупцијата. Косово го бележи најголемиот напредок во последните години, а Србија пак, од друга страна е сместена на најлошата позиција досега и најмногу назадува споредено со земјите од регионот.
Извештајот кој ТИ го објавува еднаш годишно користи скала од 0 до 100 со тоа што повисоката оценка значи дека државата е ослободена од корупција. Глобалниот просек изнесува 43 поени и повеќе од две третини од 180 рангирани држави имаат оценка под 50. Дури 155 држави направиле мал и незначителен прогрес во последните 10 години, додека пак дел од нив се соочуваат и со влошување.
Која земја во регионот има најголем напредок?
Северна Македонија најлошата позиција на рангирањето на ТИ ја имаше во 2020 година кога се најде на 111 место, со најниска оценка во последните десет години од само 35 поени, нешто слично како и во 2017 година кога ги имаше истите поени, но тогаш се најаде на 107 позиција.
Земјата најдобро рангирање на 64 место го бележи во 2014 година, тогаш со 45 поени, а драстичен пад во перцепцијата за корупцијата има од 2016 година наваму. По лошите оценки во 2017, 2018, 2019 и 2020 година, конечно во последните две години бележи подобрување, како на глобалниот ранк така и според освоените оценки кои повторно го достигнаа лимитот од 40 поени.
Србија исто така во последните пет години има полоши оценки отколку на почетокот на деценијата кога во 2013 година ја има најдобра глобална позиција на 72 место според перцепцијата за корупција, а најлоша оценка доби токму за минатата година кога ТИ ја смести на 101 позиција во светот со рекордно ниски 36 поени гледано за последните десетина години.
Црна Гора речиси има најстабилна позитивна позиција која не е драстично влошена од 2014 година со тогаш „освоеното“ 76 место, и оттогаш постојано е под 70-то место на глобалниот ранкинг со просечни 45 поени.
Косово ја заврши 2022 година како најдобра во досегашната историја на рангирања на листата на ТИ на 84 место со напредок кој е забележителен во последните две години и освоен 41 поен што е првпат за оваа земја која во изминатите десетина години постојано добиваше под 40 поени за справувањето со корупцијата.
Босна и Херцеговина од 2019 година наваму постојано е над 100 место на глобалниот ранкинг со просечно освоени 35 поени. Последен пат над 40 поени бележи на почеток на претходната декада во 2012 и 2013 година.
Албанија се карактеризира со позитивен период од 2015 до 2018 година, со тоа што почетокот на минатата декада и последните пет години ги поминува на долниот дел од табелата на земјите од Западен Балкан, постојано меѓу 100 и 116 позиција.
Главните проблеми со корупцијата во регионот се неказнивоста, неефикасноста на институциите и честата политичка нестабилност.
TRT Balkan