Камала Харис нема да се кандидира за гувернер на Калифорнија во 2026 година

Поранешната потпретседателка на САД од редовите на демократите, Камала Харис, изјави дека нема да се кандидира за гувернер на Калифорнија, со што се стави крај на шпекулациите дека неуспешниот претседателски кандидат ќе се бори за оваа висока функција.

„Сериозно размислував да побарам од луѓето од Калифорнија привилегијата да им служам како гувернерка. Ја сакам оваа држава, нејзините луѓе и нејзиното ветување. Тоа е мојот дом. Но, по длабоко размислување, решив дека нема да се кандидирам за гувернерка на овие избори“, рече таа во соопштението.

Остави можност за 2028 година.

Харис изјави дека нема да се кандидира за функција сега, оставајќи ја вратата отворена за можна претседателска трка во 2028 година.

„Засега, моето лидерство – и јавна служба – нема да бидат на избрана функција. Со нетрпение очекувам повторно да излезам и да го слушнам американскиот народ, да помогнам во изборот на демократи низ целата земја кои ќе се борат бестрашно и да споделам повеќе детали во наредните месеци за моите планови“, рече таа.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, демократ кој е на функцијата од 2019 година, не може да се кандидира за реизбор поради ограничувања на мандатите.

Други високо рангирани демократи ги објавија своите кандидатури, вклучувајќи ги Ксавиер Бесера, кој беше министер за здравство и социјални услуги под поранешниот претседател Џо Бајден, и поранешната претставничка на САД Кејти Портер.