Камен тежок 150 килограми отиде во Лондон за крунисувањето на Чарлс III

„Каменот на судбината“ го напушти замокот Единбург за прв пат по повеќе од 25 години и беше испратен во Лондон на крунисувањето на кралот Чарлс III.

Каменот, древен симбол на шкотската монархија, бил конфискуван од англискиот крал Едвард I во 13 век и однесен во Вестминстерската опатија. Во Англија остана 700 години и беше дел од столот за крунисување каде се крунисаа кралевите и кралиците.

Каменот беше вратен на трајно изложување во Шкотска во 1996 година. Но, договорено е тој да се врати во Вестминстерската опатија за секоја идна церемонија на крунисување, пишува Би-Би-Си.

Гледачите ќе имаат можност да го проследат крунисувањето во West Princes Street Gardens во Единбург на 6 мај преку бесплатна проекција. Каменот од црвениот песочник тежок 150 килограми, познат како Каменот на Scone, е долг 66 сантиметри, широк 42 сантиметри и висок 27 сантиметри.

Се користел за крунисување на шкотските кралеви стотици години пред да биде преземен од Едвард I во 1296 година, за време на Војните за независност.

Каменот останал во Англија стотици години, до Божиќ 1950 година кога четворица студенти од Глазгов упаднале во Вестминстерската опатија и го вратиле во Шкотска.