КАМ-БЕКОТ КОЈ ГИ ИЗНЕНАДИ СИТЕ – Искусниот Дејвид Камерон е нов прв човек на британската дипломатија

Поранешниот премиер на Велика Британија, Дејвид Камерон, во понеделникот беше назначен за нов министер за надворешни работи во Владата на актуелниот премиер Риши Сунак.

Дејвид Камерон (57 г.) беше британски премиер од 2010 до 2016 година, а поднесе оставка по референдумот за Брегзит, кога Британците гласаа за напуштање на Европската унија.

Во изминатите седум години, тој пишуваше мемоари и работеше во бизнис секторот, вклучувајќи ја и финансиската фирма Greensill Capital, која подоцна пропадна.

Канцеларијата на Риши Сунак во понеделникот објави дека кралот Чарлс III одобрил Дејвид Камерон да добие место во „Домот на Лордовите“ за да може да се врати во Владата како министер иако не е избран како член во парламентот.

Риши Сунак ја реконструираше Владата откако ја разреши министерката за внатрешни работи Суела Браверман, која го доведе во прашање неговиот авторитет со своите критики кон полицијата. Таа беше заменета со Џејмс Клеверли, поранешен министер за надворешни работи.

Партијата на Риши Сунак заостанува зад Лабуристите пред изборите следната година, а враќањето на Дејвид Камерон во Владата сугерира дека Риши Сунак сака искусен и поцентристички политичар наместо да го смирува десното крило на партијата што го поддржа Суела Браверман.

Суела Браверман минатата недела му се спротивстави на Риши Сунак со неодобрена статија во која таа ја обвини полицијата дека има „двоен стандард“ на протестите, сугерирајќи дека тие се строги кон десничарските демонстранти и меки кон пропалестинските.

Опозициската Лабуристичка Партија соопшти дека тоа ги поттикнало тензиите меѓу пропалестинските протести и контрапротестот на екстремната десница во саботата, кога беа уапсени речиси 150 луѓе.