Канческа Милевска: Целокупниот доказен материјал докажа дека не сум сторила „злоупотреба на службената положба и овластување“
– Врз основа на целокупниот доказен материјал кој беше изнесен, се докажа дека кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ не сум го сторила, ниту пак истото можело да се стори од кој било аспект, онака како што е произволно наведено во обвинението, изјави поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска.
Во своите завршни зборови за случајот „Тендери“, во Основниот кривичен суд Скопје, Канческа Милевска денеска, образложувајќи дел од доказите од доказната постапка, посочи дека истите не докажале дека се точни наводите на обвинението.
– Не се докажа дека се точни наводите на обвинението дека е сторена повреда на службената положба и овластување, напротив, се докажа дека јавната набавка е однапред планирана и истата е предвидена во годишниот план за јавни набавки за 2011 година во Министерството за култура, рече Канческа Милевска.
Според неа, од сите изведени докази, како што рече, се потврди дека јавната набавка е спроведена според Законот за јавна набавка во целост.
Таа истакна дека се надева дека судот ќе донесе објективна пресуда која се заснова на докази и факти. Претходно, одбраната побара ослободителна пресуда, додека, јавниот обвинител осудителна.
Канческа Милевска е првообвинета во предметот „Тендери“ во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дека од проектот „Скопје 2014“.
Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Процесот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Стевчо Дончев. Судењето продолжи со завршни зборови на останатите две обвинети, членови на Комисијата за јавни набавки.