Постојано присуство на претставник на грчката крајбрежна служба во Измир и на турски службеник на Лезбос; „мораториум“ за непријателски изјави и визни олеснувања за турските граѓани на неколку грчки острови, се трите точки за кои веројатно ќе се договорат Грција и Турција за подобро справување со мигрантскиот проблем, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот, повикувајќи се на свои извори објави дека двете земји, се сè поблиску до договор, а разговорите се во тек.
Крајниот рок, според „Катимерини“ е 7 декември односно до одржувањето на Високиот совет за соработка меѓу двете земји во Солун во присуство на грчкиот премиер и турскиот претседател, а целта, според весникот е на крајот да постои „меморандум за разбирање“ во кој би биле вклучени три точки.
Прво, двете крајбрежни служби би размениле по еден службеник, односно од Грција службеник би заминал за турскиот град Измир, а од Турција на грчкиот остров Лезбос за да постои подобра комуникација за контрола на мигрантските бранови.
– Целта е и грчката и турската страна да знаат „колку чамци“ поминуваат во секој момент и онаму каде што е потребно веднаш да се „пресретнат“. Планот е информирањето што сега се спроведува меѓу министрите и нивните канцеларии да стане институционално преку надлежните органи, односно крајбрежните служби, што ќе се обезбеди со присуство на двајцата службеници во соодветните центри, пишува „Катимерини“.
Втората точка, според весникот е заложбата на двете земји да се избегнуваат „потпалувачки“ изјави и од двете страни, а третата се однесува на „активирање на едно старо барање на Анкара за полесно движење на турските граѓани на седум острови во источниот дел на Егејското Море“.
Државјаните на Турција, доколку се постигне договорот, ќе можат да пристигнуваат на островите Родос, Лезбос, Самос, Хиос, Кос, Лерос и Кастелоризо, што се во близина на турското крајбрежје и на грчка територија да добиваат виза која ќе има важност од 12 месеци.
Во понеделникот, министерот за миграција и азил на Грција Димитрис Керидис и министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја на нивната средба во Анкара се согласиле да работат заедно во борбата против криумчарењето мигранти и да ја зајакнат соработката против нелегалната миграција.