Киев тврди дека руската војска на окупираните украински територии го користи Старлинк на Илон Маск

 – Украински одбранбени претставници денеска соопштија дека руските сили во окупираните области на источна Украина ги користат терминалите на сателитската интернет услуга Старлинк на Илон Маск.

Главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана на Телеграм објави аудио снимка од пресретнат разговор меѓу двајца руски војници, посочувајќи дека снимката е доказ дека Страрлинк „системски“ се користи, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Компанијата SpaceX, која управува со терминалите Starlink, на 8 февруари намрежата Икс соопшти дека „не соработува на кој било начин со руската влада или нејзината војска“ и дека нивниот сервис не работи во Русија.

Разузнавачката агенција соопшти дека на аудио снимката објавена на Телеграм, се слушаат војници од 83-та воздушна јуришна бригада на Русија како разговараат за поставување терминал во источна Украина.

Во соопштението не се дадени детали за степенот на наводната употреба или како се добиени терминалите. Портпаролот Андриј Јусов за украинските медиуми вчера изјави дека употребата на Старлинк „почнува да добива системски карактер“.

Старлинк е мрежа од повеќе од 2.000 сателити кои орбитираат околу Земјата во комуникација со илјадници терминали на земјата. Тој беше активиран низ Украина кон крајот на февруари 2022 година, откако интернет услугите беа прекинати поради руската инвазија.