Ким вети ,,безусловна помош за Русија во војната со Украина!” – Севернокорејскиот лидер го прими Шојгу во Пјонгјанг, втора посета за помалку од три месеци (ФОТО, ВИДЕО)

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ѝ вети на Москва „безусловна поддршка“ во војната против Украина, објави денес официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.

Вчера Ким во Пјонгјанг го прими секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, поранешниот министер за одбрана, кој беше во втора посета на тој град за помалку од три месеци.

101 EPA Kcna.jpg

Ким вети дека неговата влада ќе обезбеди „безусловна поддршка на Русија и нејзината надворешна политика за сите клучни меѓународни прашања, вклучително и украинското прашање“, според соопштението објавено од севернокорејската новинска агенција.

Севернокорејскиот лидер изрази верување дека „Русија, како и секогаш, ќе победи во својата света потрага по правда“, се додава во соопштението.

Двете страни се согласија да продолжат со „постепеното зајакнување“ на нивните односи, објави KCNA.

Руската амбасада во Пјонгјанг одделно објави преку својот профил на Телеграм дека двајцата лидери „размениле мислења за ситуацијата околу украинската криза и Корејскиот полуостров“.

kim01 AP .jpg

Посетата на Шојгу на Северна Кореја покажува забрзано приближување меѓу Москва и Пјонгјанг, пишува агенцијата Франс-прес.

Москва и Пјонгјанг ја зајакнаа воената соработка во последниве години, при што Северна Кореја обезбедува оружје и војници за поддршка на војната на Русија против Украина.

Двете земји потпишаа договор за меѓусебна одбрана за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Северна Кореја минатата година.

Контингент севернокорејски војници учествуваше заедно со руската армија во борбите против украинските сили во рускиот Курски регион, од кој мал дел беше окупиран од украинските трупи по ненадејната офанзива во летото 2024 година.