Кина за прв пат отворено ѝ соопшти на ЕУ: Не сакаме Русија да ја изгуби војната

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ѝ рекол на шефицата за надворешна политика на Европската унија, Каја Калас, дека Кина не сака Русија да изгуби во Украина, бидејќи се плаши дека САД тогаш „ќе го насочат целото свое внимание кон Пекинг“, објави „Саут Чајна Морнинг Пост“, дневен весник со седиште во Хонг Конг, кој често се смета за близок до кинеските власти.

Според повеќе извори запознаени со разговорот, Ванг ја дал изјавата за време на состанокот во Брисел во вторник, на кој биле опфатени низа геополитички и економски прашања.

Според истите извори, Ванг ги отфрлил обвинувањата дека Кина воено или финансиски ја поддржува агресијата на Русија во Украина, велејќи: „Доколку го правевме тоа, војната ќе завршеше одамна“.

Некои европски претставници беа изненадени од директноста на кинескиот министер, кој, како што велат, му дал на шефот на европската дипломатија и низа „историски лекции“ и предупредувања засновани на принципите на реалполитиката. Ванг, тврдат тие, нагласил дека Пекинг верува дека Вашингтон – ако ги постигне своите цели во Украина – целосно ќе го пренасочи својот стратешки фокус кон Кина, што би претставувало значаен безбедносен предизвик за Пекинг.

Во Брисел, изјавата на Ванг се толкува како потврда на нешто за кое многу европски дипломати долго време се сомневаа – дека Пекинг, иако не ја побарал оваа војна, нејзината долготрајна природа му одговара стратешки бидејќи ги поврзува американските ресурси и внимание со Украина.

Кина досега се позиционираше како неутрален актер и самопрогласен миротворец во војната во Украина. Редовно тврди дека „не е страна во конфликтот“, но никогаш не ја осуди руската инвазија и одржува блиски политички и економски врски со Москва.

Европската унија долго време го обвинува Пекинг дека ја снабдува Русија со стока со двојна намена, обвинение што Кина го негира. Кинеското Министерство за надворешни работи, во својата официјална изјава за разговорите со Калас, не ги споменува многуте точки на спор. Наместо тоа, нагласува дека Кина и ЕУ немаат фундаментални конфликти на интереси и дека двете страни треба „заедно да напредуваат и да придонесуваат за цивилизацијата на човештвото“.