Кина остро се спротивставува на секоја земја што ќе постигне трговски договори со САД што би ги жртвувале кинеските интереси во замена за ублажување на царините, се вели во соопштението на Министерството за трговија на земјата.
„Доколку се случи таква ситуација, Кина нема да ја прифати и ќе преземе решителни контрамерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси. Само со цврсто придржување кон сопствените принципи и ставови земјата навистина може да ги заштити своите легитимни права“, се додава во соопштението, како одговор на медиумско прашање за неодамнешните трговски преговори на САД со други земји, според „Блумберг“.
САД воведоа реципрочни царини за своите трговски партнери, кои треба да се зголемат на почетокот на јули, освен ако не се потпишат трговски договори.
„Ова е типичен чин на еднострано малтретирање што сериозно го поткопува мултилатералниот трговски систем и го нарушува нормалниот меѓународен трговски ред“, се вели во соопштението на кинеското министерство, додавајќи дека Кина постојано и цврсто се спротивставува на ваквите практики.