Кина со остра осуда на телефонскиот разговор меѓу чешкиот претседател Павел и тајванската претседателка Чаи
Кина денеска излезе со остра осуда на телефонскиот разговор меѓу новоизбраниот чешки претседател, Петр Павел, и претседателката на Тајван, Чаи Инг-вен, бидејќи со тоа ја прекршил политиката на „една Кина“.
-Новоизбраниот претседател на Чешката Република ги игнорираше повторените наши апели и продолжи да ги преминува кинеските црвени линии, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг Мао.
Според портпаролот на кинеското МНР, Павел со тоа го прекршил ветувањето дека ќе се придржува до политиката на „една Кина“, што наводно јавно го кажал за време на изборната кампања.
Новоизбраниот претседател на Чешка вчера разговараше со тајванската претседателка, а нејзиниот кабинет разговорот го означи како „дипломатски пробив“, пишува чешкиот портал seznam.cz.
Павел на својата тајванска колешка и кажал дека Тајван и Чешка ги споделуваат вредностите на слободата, демократијата и човековите права и дека ќе го зајакнат нивното партнерство.
Чешката влада официјално се придржува до политиката на една Кина, но неодамна покажа зголемен интерес за соработка со Тајван.