Кинеските инвестиции во Иран во 2023 зголемени за десет пати

Кинеските инвестиции во Иран минатата година достигнаа три милијарди долари и беа десет пати поголеми од претходната година, изјави заменик министерот за економија и претседател на Организацијата за странски инвестиции Али Фекри во интервју за ИРНА.

Кинескиот капитал главно бил насочен кон проекти од областа на логистиката, инфраструктурата и рударството.

Иран е под санкции на САД и ЕУ поради развојот на неговата нуклеарна програма. Техеран истакнува дека ја користи за цивилни цели.

Кина е важен економски партнер за Техеран и е главен купувач на иранска нафта. Двете земји во 2021 година склучија 25-годишен договор за соработка.

Од почетокот на мандатот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во август 2021 година, Иран привлече 10,6 милијарди долари странски капитал, изјави претставник на Министерството за економски прашања и финансии.

Најмногу капитал во тој период вложила Русија, а меѓу позначајните инвеститори, покрај Кина, се и Обединетите Арапски Емирати, Турција, Ирак и Индија, изјави ирански претставник.

Развојот и продлабочувањето на односите со соседните земји е главната стратегија на Владата, потенцира Фекри.

Во 2022 година, според Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD), странските директни инвестиции во Иран достигнале вредност од 1,5 милијарди долари.