Кинески бродови и хеликоптер во близина на Тајван по средбата Цаи – Мекарти

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека во близина на Островот се забележани три воени бродови и кинески хеликоптер.

– Вооружените сили ја следеа ситуацијата и ги задолжија борбени воздушни патролни авиони, поморски бродови и копнени ракетни системи да одговорат на овие активности, се посочува во соопштението на тајванското Министерство за одбрана.

Присуството на кинеските бродови и хеликоптер уследи по синоќешната средба на тајванската лидерка Цаи Инг-вен со претседателот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Кевин Мекарти.

Официјален Пекинг најави „решителни и ефективни мерки за заштита на националниот суверенитет и територијалниот интегритет“. Кинеското Министерство за надворешни работи средбата Цаи-Мекарти во Калифорнија ја оцени како „сериозно погрешни постапки на тајниот договор“.

Цаи е на еднонеделна турнеја низ САД и Централна Америка.

Кога минатата година тогашната претседателка на Претставничкиот дом, демократската Ненси Пелоси го посети Тајван, Кина ги изведе најголемите воени маневри со боева муниција во последните децении и истрела проектил што го прелета островот. Кина, исто така, се повлече од разговорите за климата со САД.

Тајван е самоуправен регион со демократски избрана администрација уште од граѓанската војна во Кина во 1949 година, а комунистичка Кина овој остров го смета за своја територија и смета дека секоја интеракција меѓу тајванските и американските претставници е предизвик за нејзиниот суверенитет.

Кина го смета Тајван за своја територија според системот „една земја, два системи“.