Кипер: Во нов руски напад врз Одеса убиен цивил и ранети 15 лица

Еден цивил е убиен, а петнаесет лица, меѓу кои и деца, се ранети во новиот руски напад врз пристанишниот град Одеса изведен ноќеска, изјави гувернерот на областа Олех Кипер. 

„За жал, еден цивил беше убиен во нападот на Русите на Одеса во текот на ноќта“, напиша гувернерот Кипер на каналот Телеграм.

Тој претходно информираше за „рускиот напад во 3 часот по полноќ“ (2 часот по средноевропско време). 

„Во Одеса имаме 18 жртви, меѓу кои четири деца. Четиринаесет лица се пренесени во градските болници, меѓу кои три деца“, кажа тој, додавајќи дека спасувачките екипи се на местото на настанот.

Гувернерот зборуваше и за „штети врз цивилната инфраструктура, станбени згради и верски институции“. 

Шефот на кабинет на украинскиот претседател, Андриј Јермак, побара „повеќе системи за ракетна одбрана и тактички проектили за Украина“. 

Одеса, чиј историски центар е вклучен во листата на светско наследство, редовно е цел на руски напади. Градот во четвртокот доживеа „ноќ од пеколот“, а Киев ја обвини Москва дека ја гаѓа токму пристанишната инфраструктура со цел да го спречи евентуалното продолжување на украинскиот извоз на жито. 

УНЕСКО пред два дена „најостро ги осуди“ руските напади врз „неколку музеи“ кои „претрпеа штета“.