Кирби: САД се против предлогот на Кина за прекин на огнот во Украина, со тоа би биле признати придобивките на Русија
САД се против предлогот на Кина за итен прекин на огнот меѓу Русија и Украина затоа што со тоа ќе се цементира позицијата на воените придобивки на Русија, соопштија од Белата куќа.
„Прекин на огнот сега повторно е ефективна ратификација на руските освојувања“, изјави денеска Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност во Белата куќа, одоговарајќи на прашања на новинар за најавената посета на Москва идната недела на кинескиот лидер Си Џинпин.
„Со тоа ефективно би биле признати придобивките на Русија и нејзините обиди да ја освои територијата на својот сосед со употреба на сила, овозможувајќи руските трупи да продолжат со окупација на суверената територија на Украина“, рече Кирби.
Повикот за прекин на огнот е дел од мировниот предлог на Џинпин кој идната недела ќе оди во Русија на средба со врвот на земјата. САД се надеваат на конструктивна улога на Кина во помошта да се заврши војната во Украина.
Кирби, сепак, изрази сомнеж дека средбата на кинескиот лидер во Русија претставува искрен напор за постигнување мир.
Тој потенцираше дека ако Џинпин има средби за некакво сериозно постигнување мир, на нив треба да учествува и претседателот на Украина, Володомир Зеленски.
– Ние, секако, не поддржуваме повици за прекин на огнот од страна НРК и средба во Москва која едноставно би била во полза на Русија, изјави Кирби.