Климатските промени може да се забрзаат поради вештачката интелигенција

Вештачката интелигенција (ВИ) троши толку многу енергија што на центрите за податоци за развој на технологијата во Европа се очекува да им треба речиси три пати повеќе енергија до 2030 година, според студијата објавена денес.

Студијата, објавена од консултантската фирма McKinsey , покажа дека побарувачката за електрична енергија се очекува да надмине 150 терават-часови (TWh) до 2030 година од 62 TWh денес.

Тоа значи дека околу 5 отсто од вкупната потрошувачка на енергија во Европа ќе оди на вештачка интелигенција, додека таа во моментов троши околу 2 отсто, се наведува во студијата.

Растечката потреба на вештачката интелигенција за електрична енергија би можела да ги забрза климатските промени доколку не се напојува со обновливи извори на енергија, се вели во студијата.

Во моментов, најголемиот дел од електричната енергија за центрите за податоци сè уште доаѓа од фосилни горива.

„Зголемената побарувачка за чиста електрична енергија носи значителни предизвици“, изјави партнерот на McKinsey, Диего Хернандез Дијаз за ДПА.

Сигурните извори на енергија се достапни само во ограничен обем, забележува тој.

Покрај тоа, постојат пречки во достапноста на квалификувани работници.

Студијата покажува и дека дополнителната побарувачка на зелена електрична енергија бара големи инвестиции во обновливите извори на енергија.