– На штандот на издавачот „Делфин книги“ на Меѓународниот саем на книгата во Пекинг, Кина, меѓудругото, изложени се изданија на „Македоника литера“ на македонски јазик. Саемот почна денеска, а ќе трае до недела, 18 јуни.
„Македоника литера“ соопшти дека во соработка со својот партнер „Делфин книги“ од Пекинг, специјализиран издавач за литература за деца, кој работи во рамките на корпорацијата ЦИЦГ (China International Publishing and Comunication Group – CICG) досега публикуваше 18 книги од серија „Најдобрата кинеска литература за деца“, серија од пет книги со најдобрата проза на најчитаниот жив писател за деца во светот Шен Шиси, серија од пет книги „Кинески народни приказни“, а со две книги неодамна ја започна и серијата „Најдобрата фантастична кинеска литература за деца“.
Книги на македонски јазик во издание на „Македоника литера“ се изложени и на штандот на најголемиот кинески издавач за образовна и јазична литература ФЛТРП (Foreign Language Teaching And Research Press – FLTRP), кој работи во рамките на Универзитетот за странски јазици во Пекинг. На штандот на овој издавач се изложени дел од сериите за клучните концепти во кинеската мисла што последниве години ги публикуваше „Македоника литера“.
Книги на „Македоника литера“ на штандовите на своите кинески партнери на овој саем се изложуваат од 2018 година до денес.
Инаку, Меѓународниот саем на книгата во Пекинг е вториот по големина саем на книгата во светот според бројот на излагачите, а прв според бројот на посетителите. Овој саем има и интернет верзија, која трае во текот на целата година, а на овој е-саем свој е-штанд има и „Македоника литера“.
Како што потенцираат од „Македоника литера“, досега имаат публикувано повеќе од 60 кинески книги, првенствено од областа на литературата за деца и кинеската филозофија и култура, а членуваат и во Асоцијацијата на издавачи 17 +1 уште од основањето