Коалицијата на МАЕИ и Социјалистичка партија ја започнаа изборната кампања во Пустец со промоција на Пали Колефски за градоначалник

– Во Пустец, на брегот на Преспанското Езеро, коалицијата на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и Социјалистичка партија, вчера попладне,  ја започнаа изборната кампања со промоција на Пали Колефски за градоначалник на општината. 

Заблагодарувајќи се на Македонците во Албанија за големото присуство на неговата презентација, Колефски  се осврна на сите реализирани проекти во изминатите четири години.

-И во наредните четири години со поддршка и на владата, општина Пустец ќе се трансформира во  место какво што заслужуваат нејзините жители. Само напред заедно ќе ја направиме Преспа навистина добро место за живеење и работење. Ние сме реални и зборуваме за конкретни проекти а не за соништа, рече  Колефски.

На промоцијата  присуствуваше и министерот Нико Пелеши, кој пред присутните изјави дека Пали Колефски се покажал како добар администратор во изминатите четири години и затоа повторно е кандидиран од Социјалистичка партија заедно  со македонската партија, МАЕИ,  за нов мандат за градоначалник на општина Пустец.

-Поддршката, со даден глас, на 14 мај, за Пали Колефски е една гаранција за сите жители на општина Пустец дека трансформацијата и добрите работи во ова општина ќе продолжат со зголемена динамика во вториот мандат, изјави Пелеши. 

Се обрати и претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски кој рече  дека со градоначалникот Колефски во изминатиот период имале одлична комуникација.

Нагласи дека кога Стерјовски беше  пратеник соработувале за решавање на повеќе проблеми со кои се соочуваа Македонците во општина Пустец и една од најголемите придобивки било решавањето на проблемот со вода за пиење  во општина Пустец.

-Градоначалникот Пали Колефски  ја има поддршката на Македонска алијанса за европска интеграција и на советниците на МАЕИ во општина Пустец за сите иницијативи во правец на економски развој на општината,  развој на туризмот, како и во правец на заштита и унапредување на правата на Македонците во општина Пустец, посочи тој.

Стерјовски ги повика Македонците во општина Пустец да го дадат својот глас за  Колефски и за советничката листа на Македонска алијанса за европска интеграција.