Ковачевски: Влада од типот на Пржинската не и е потребна на земја членка на НАТО и земја која ги отвори преговорите со ЕУ
– За мене етничката припадност не е професија, секој кој исполнува професионални критериуми кои се стекнуваат со знаење, со искуство, со посветеност, со работа може да биде претседател на Влада, особено во технички мандат. Сме имале и премиер кој беше Влав и успешно се справуваше со предизвиците. Затоа сметам дека тоа е нешто што е асполвирано во јавноста уште пред три години, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски.
На гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“, Ковачевски рече дека прашањето за предвремени избори е затворено и дека во 2024 година прво ќе се одржат претседателските, а потоа и редовните парламентарни избори.
Негов личен став е дека Влада од типот на Пржинската не и е потребна на држава која веќе е членка на НАТО и која има отворено преговори со Европската унија.
– Таа влада беше договорена низ едни тешки преговори кога нашата држава беше заробена држава, кога беше обзнането дека државните институции се злоупотребуваат политички и како резултат на преговори се дојде до една техничка Влада од 100 дена која ги спроведува изборите. Земја која е членка на НАТО, која отвори преговори со ЕУ, која претседава со ОБСЕ, која во моментов е фактор на стабилност на Балканот, сметам дека не треба да има, рече Ковачевски.
Вели дека лидерска средба нема да има, а убеден е дека на редовните парламентарни избори ќе победи сегашната коалицја.