Ковачевски: Владината коалиција е стабилна, очекувам искрена дебата за иднината на државата

Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски вели дека владината коалиција е стабилна и дека не очекува никакви промени во оваа насока, пишува Телеграф Македонија.

„Коалицијата е стабилна и не очекуваме промени во насоката на дејствување на проевропските партии во однос на уставните измени. Верувам дека сите парламентарни партии, сите пратеници поединечно, се свесни за важноста на историскиот момент и коректноста во носењето на правилната одлука што ќе го оформи нашиот европски пат“, изјави премиерот Ковачевски за АИМ.

Ковачевски вели дека Собранието е местото каде што во минатото ги носевме клучните одлуки кои ја одредуваа судбината и иднината на државата, така ќе биде и сега.

Пратениците мора добро да размислат и да донесат историска одлука – дали ќе гласаат за Европа или ќе гласаат за изолација, дали ќе одлучат за подобра иднина и просперитет или ќе останат заробени во минатото“, оценува Ковачевски.

Осврнувајќи се на идните процеси во Собранието, премиерот рече дека очекува искрена собраниска расправа.

„Очекувам искрена, квалитативна и плодна собраниска расправа преку која ќе се расчистат сите аргументи за заедно да донесеме натпартиска одлука каква што заслужуваме и со која ќе ја покажеме нашата сериозност и одговорност пред лицето на моментумот кој е тежок дека ќе се повтори“, додаде Ковачевски.