Ковачевски: Во СДСМ и во коалицијата има апсолутно единство во однос на гласањето на уставните измени

– Нашата партија и нашата коалиција има апсолутно единство во однос на гласањето на уставните измени, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес – конференција во Владата по повод завршувањето на собраниската дебата за уставните измени.

-Пратеникот Илија Николовски, инаку претседател на Партијата на пензионери имаше проблем со притискањето на соодветното копче, меѓутоа за да не бара поединечно изјаснување беше оставено да биде со 70 гласа изгласан дневниот ред. Инаку, тој постојано беше со коалицијата. Пратеникот Диме Велковски денеска не беше, беше најавено неговото отсуство и не беше присутен во Собранието што не значи дека нема да биде присутен на наредните седници, рече Ковачевски одговарајќи на прашањето дали нема единство во неговата партија и коалиција поради отсуството на нивниот пратеник Диме Велковски и неизјаснувањето за дневниот ред на Илија Николовски од Партијата на пензионерите на денешната собраниска седница.

Прашан за нивните активности во следниот период со оглед на уверувањата дека ќе направат се за да се тргне блокадата од ВМРО-ДПМНЕ, на кое ниво ќе се разговара со пратениците, можеби и со лидерот на партијата, премиерот нагласи дека дискусијата ќе се води на сите нивоа како и досега. 

-Дискусијата ќе се води како и досега на сите нивоа со оглед на тоа дека се работи за исклучително важно прашање за иднината на државата. Ова е едно од тие прашања коишто се значајни за иднината и на сегашните и на идните генерации на наши граѓани. Нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат во ЕУ, меѓутоа да живеат во ЕУ како Македонци, како Албанци, како Турци, како Власи, како Срби и како сите други граѓани на оваа држава во Република Северна Македонија и земја членка на ЕУ, а не да живеат во ЕУ со пасоши на други држави во туѓи држави коишто се членки на ЕУ. И затоа дента кога ќе станеме членка на ЕУ сите заедно ќе ги собереме сите пасоши коишто нашите граѓани ги зеле со цел да работат и да живеат во ЕУ и ќе им ги вратиме на земјите од коишто се земени со оглед на тоа што веќе нема да им бидат потребни со цел остварување на нивните економски интереси, порача Ковачевски на прес – конференцијата на која присуствуваше и целиот владин кабинет. 

Во однос на тоа дали е точно дека еден пратеник кој денеска не беше присутен од нивната партија планира да поднесе оставка и да не гласа за во иднина, премиерот и лидер на СДСМ посочи дека нема таква информација дека пратеник сака да поднесе оставка. 

Фактот што ниту еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ денеска не се изјасни „за“ или „против“ уставните измени, туку излагање имаше само Гордана Силјановска-Давкова, која е независен пратеник, за Ковачевски е една од причините да верува дека уставните измени ќе се донесат со консензус.

-Тоа е една од основните причини заради коишто и јас и Владата и коалицијата сметаме дека е пред нас усвојување на уставните измени и тоа консензуално со сите пратеници во Собранието, рече премиерот Ковачевски.

Собранието денеска во рамките на 123-тата седница ја заврши расправата за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата на Уставот. По завршување на дебатата претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека за продолжувањето пратениците ќе бидат дополнително информирани.

За усвојување на потребата од уставни измени е неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија за полноправно членство во Унијата.