Христијан Мицкоски: “Очекувам идната недела сериозен напредок и дефинирање датум за изборите“

Очекувам следната недела да има сериозен напредок на дефинирање на деталите за изборниот процес и дефинирање на датум за следните избори, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешниот престој со теренски активности на партијата во Прилеп.

Треба што поскоро да заврши дискусијата околу техничките препораки и измени во Изборниот законик кои се дел од препораките на ОБСЕ и ОДИХР, бидејќи доцниме и сме влезени во фазата шест месеци пред избори. Мислам дека следната недела ќе има сериозен напредок на таа тема. Очекувам и дефинирање на дата за изборите. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен – парламентарните и претседателските избори треба да бидат заедно во почетокот на мај и да не ги трошиме дополнително парите на граѓаните“, изјави Христијан Мицкоски.

Нагласи дека сега работат на терен и на воспоставувањето „коалиција“ со граѓаните за да се слушнат нивните барања и потреби и додаде дека не е отворено прашањето за коалицирање со други политички субјекти.

За случајот „Онкологија“ Христијан Мицкоски вели дека има омилена веледрогерија која снабдува милионски суми лекови, а од друга страна има катастрофални услови каде тие се аплицираат. Партијата, вели, има обемна документација и од последните години, а не дека тоа било случај до 2021 година.

Од досегашните анализи извлековме неколку заклучоци. Првиот се темели на Извештај од вонредниот  надзор на набавките на УКРО и МЗ или на документи за периодот 1 август 2021 до први август 2023 година, како и за парцијалниот надзор во периодот декември 2022 до март 2023 година. Констатирани се неправилности кои се дополнително и засилени“, вели Христијан Мицкоски

Затоа, додаде, бараме да се прошири истрагата и работата и за тој период. Констатирано е дека и покрај огромни милионски залихи на лекови тоа не ги спречувало надлежните и од МЗ и од УКРО да распишуваат тендери, а има и дилема како се дава дозвола на пациенти терапијата да биде аплицирани во други здравствени установи бидејќи транспортот е специфичен.

Истражуваме и скоро и за тоа ќе излеземе во јавноста.  На канцер мафијата мора да и се стави крај“, порача Христијан Мицкоски.

При денешниот престој во Прилеп во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ ќе има повеќе теренски активности. Христијан Мицкоски повтори дека повеќе од 250 милиони евра годишно ќе бидат реалоцирани од централниот буџет кон општините. Во Прилеп во еден четиригодишен мандат ќе бидат инвестирани до 34 милиони евра помеѓу 8 и 8,5 милиони евра годишно.

Проектот во Прилеп за реконструкција и ревилитализација на голем број улици заедно со уште неколку други проекти, полека но сигурно се привршуваат. Предизвик беше наследената состојба, а од друга страна и односот на Владата на СДСМ и ДУИ кон општините каде што имаме градоначалници од редот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Но, тоа е лошата вест. Добрата вест е дека за неколку месеци од денеска ќе имаме Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Влада која што на целата територија на Македонија во сите општини, без разлика дали градоначалникот е од редот на ВМРО-ДПМНЕ или не, сакаме насекаде да инвестира“, порача Христијан Мицкоски.