Љупчо Николовски: “Ајде да пошумуваме заедно, заедно да ги чуваме и унапредуваме шумите“

Започнувањето на годинашната голема акција за пошумување во рамки на која до март 2024 година ќе се засадат 1,2 милиони садници во 19 региони на 36 локации низ државата, денеска заедно го најавија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, деканот на факултетот за шумарски науки пејзажна архитектура и екоинжирнг „Ханес Ем“, Кирил Сотировски, директорот на ЈП Национални шуми, Валентин Груевски и претставници на општествено одговорни компании и граѓански организации.

Како Министерство, порача Љупчо Николовски, наша задача, но и на сите нас како граѓани, е да се грижиме и да ги чуваме нашите шумски убавини и редовно да вршиме обновување со нови садници.

Еден милион и двесте илјади садници ги предвидуваме за пошумување во годинашната голема акција за пошумување во 19 региони, на 36 локации низ државата. Годинашната акција, која започнува од овој месец и ќе трае се до март 2024 година, опфаќа пошумување на површина од над 400 хектари со повеќе различни видови садници како бел и црн бор, јавор, багрем, смрча, даб, чемпрез, јасен, костен и ела“, истакна министерот Љупчо Николовски.

Порача дека многу општествено одговорни компании и граѓански организации се приклучија кон оваа акција за пошумување, но и преку сопствени иницијативи, во соработка со нас, организираат акции за пошумување и збогатување на шумскиот фонд. 

Нашата успешна соработка со општествено одговорните компании и граѓански здруженија ја потврдивме и минатата година, кога заедно во 21 регион пошумивме повеќе од 300 хектари засадувајќи над 800.000 садници. Зелената транзиција за нас е еден од петте клучно поставени приоритети за работа на министерството, а пошумувањето е една од нашите цели за успешно реализирање на зелените принципи. Да им оставиме на идните генерации чиста, зелена и европска држава“, истакна Љупчо Николовски.

Шумите, како што кажа министерката Каја Шукова, се нашите бели дробови, наше природно и национално богатство, кон кое сите ние треба одговорно да се однесуваме и да ги чуваме.

Од аспект на животната средина дрвјата и шумите се многу повеќе од економски потенцијал. Ние шумите ги гледаме како екосистеми, а нивната еколошка димензија е многу голема и многу важна“, вели Каја Шукова.

Најави дека како поддршка на годинашното пошумување и зазеленување на нашата држава Министерството за животна средина и просторно планирање во партнерство со УНЕП ќе спроведе мерки за реставрација или уредување на деградирани земјишта и голини преку пошумување на површина од 400 хектари и преку спроведување на мерки за одржливо управување со земјиште и одржливо управување со шуми на повеќе од 15.000 хектари.

Заедно во соработка со Европската Унија, преку ИПА програмата работиме на голем и значаен проект за реформа на секторот шумарство во Северна Македонија. Проект кој има временска рамка за имплементација од две години, заклучно до 2025 година, вреден 1,3 милиони евра финансиска поддршка на Европската Унија. Ќе се реализира низ четири поткомпоненти, кои го доближуваат македонското шумарството до европските стандарди. Една од овие поткомпоненти предвидува основање на Агенција за шуми и реструктуирање и трансформација на Јавното претпријатие Национални шуми во државно друштво, градејќи технички капацитети на стручните лица од шумарството на постојните и новите шумарски институции и организации.

Директорот на ЈП Национални шуми Валентин Груевски кажа дека после 30 години за првпат реализираме проект со систематски пристап кој ќе овозможи темелни реформи за здрави, одржани и богати шуми кои ќе ги оставиме на идните генерации.

Решавањето на проблемите со глобалното затоплување и секвестрација на јаглеродот, ефектот на стаклена градина е значаен фактор за сегашната климатска криза. На почетокот на 21 век интересот за пошумување израсна над неговиот потенцијал. Видот на садниците со кои ќе се пошумува на површините е одреден од нашите стручни лица земајќи ги во предвид природните, почвените и еколошките  карактеристики на површините“, истакна Валентин Груевски.

Факултетот за шумарски науки пејзажна архитектура и екоинжирнг „Ханес Ем“ е важен партнер во акциите за пошумување, но и во процесот на креирање мерки и политики за заштита и унапредување на шумскиот фонд во државата.

Од успешни пошумувања ни зависи иднината на планетата, а не само на регионот и државата“, истакна деканот на факултетот Кирил Сотировски.

Во име на општествено одговорните компании поддржувачи на оваа акција за пошумување се обрати Гордана Грунеска, претставник од компанија ДМ.

ДМ како компанија е визионер, која заедно со Министерството за земјоделство и ЈП Национални шуми спроведува веќе две години по ред акции за пошумување. Минатата година заедно засадивме повеќе од 30.000 садници пошумувајќи површина од 10 хектари. Со задоволство и оваа година се вклучуваме во оваа голема акција за засадување на 1.200.000 садници на 36 локации низ државата“, кажа Гордана Грунеска.

Во име на граѓанските организации поддржувачи на оваа акција за пошумување, пак, се обрати Јордан Бајрактаров, претставник на Сојузот на извидници на Македонија

Созјузот на извидници на Македонија ја изразува своја благодарност до МЗШВ за соработката која ја воспоставивме со реализација на проектот Боренка – волонтерска акција за пошумување на опожарени подрачја. Со задоволство се вклучуваме и во оваа голема акција за пошумување на државата“, посочи Јордан Бајрактаров