Ковачевски: Вредностите врз кои почива ООН, нека се водилка за обезбедување мир во светот

Премиерот Димитар Ковачевски со објава преку својот Фејсбук профил упатува честитки до сите земји членки на Организацијата на Обединетите нации и генералниот секретар Антонио Гутереш по повод 24 Октомври – Меѓународниот Ден на Обединетите нации.

Ковачевски во честитката порачува решавањето на конфликтите без насилство, хуманоста, заедништвото и сплотеноста, вредности врз коишто почива ООН, нека се водилка за обезбедување мир во светот и благосостојба на сите народи.

-Концептот на негување на заложбите за почитување на човековите права, борбата против тероризмот, климатските промени, одржливиот економски развој и обезбедувањето на светскиот мир и безбедност веќе 78 години е активен на меѓународната сцена. Патот на мирот и безбедната иднина е единствениот правилен избор во овие моменти кога човештвото е исправено пред бројни предизвици, напиша премиерот Ковачевски.

Во 1947 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласил 24 октомври, годишнината од Повелбата на Обединетите нации, како денот „што ќе биде посветен на објавувањето на целите и достигнувањата на Обединетите нации на луѓето во светот и добивање на нивната поддршка“ за нивната работа.

Во 1971 година, Генералното собрание на Обединетите нации усвоило дополнителна резолуција (Резолуција на Обединетите нации 2782) со која се прогласува Денот на Обединетите нации да биде меѓународно одбележување или меѓународен празник што препорачува дека треба да се одбележува како државен празник од страна на земјите членки на Обединетите нации.